Жртви на градежната офанзива: Последните куќички во населбата „Пролет“ на пат да станат висококатници

Изградена во 1947 година, како една од првите повоени населби во главниот град на Македонија, населбата Пролет во скопската општина Центар важи за најмалата населба во Скопје.

Во само три тесни улички, куќи со изронати фасади и мали дворови им пркосат на модерните висококатници околу нив.

Ако за момент ја игнорирате буџавата од механизацијата и сообрачаќот и се насочите кон дрвјата и дворовите, ќе помислите дека сте далеку од центарот на главниот град, но веќе во следниот чекор ќе сфатите дека и оваа населба ја чека судбината на Дебар Маало, Буњаковец, а од неодамна и Тафталиџе, односно дека сегашните капиџици, дрвја и дворови, набрзо ќе бидат сменети со високи згради, деловни објекти и рампи за паркинг.

Пролет била и се уште е една од најатрактивните скопски населби, сбидејќи се наоѓа близу строгиот центар на градот, зад трговскиот центар Веро Џамбо, односно помеѓу Железничката Станица, Олимпискиот базен и Тутунскиот комбинат.

Веќе неколку години во оваа населба се случува градежна офанзива, се градат станбени згради со прилично висока цена на метар квадратен, а од некогашните скромни семејни куќи, денес се останати десеттина , но и тие го чекаат денот кога „багерот од комшии ќе забучи и во нивниот двор“.

Цело богатство за двособен стан

Атрактивноста на населбата, близината до Плоштадот, кејот на Вардар, автобуската станица, судовите, значително влијаат на цената на станбениот простор во овој дел од Скопје.

Цената на метар квадратен во новоизградените згради во населбата Пролет изнесува од 1.700 па до 2.000 евра за метар квадратен во зависност од квадратурата, катноста, гаражно место и слично.

Па така, за двособен стан од 50 квадрати метри во оваа населба ќе треба да одвоите помеѓу 90.000 и 100.000 евра.

Населбата Пролет на постарите граѓани на Скопје им останува во сеќавање со ниските (двоспратни и троспратни) згради и пространите тревници пред нив, како и со симпатичните семејни куќи со мали дворчиња.

Но за неколку години отсега, таквите слики ќе бидат само дел од богатата скопска архива.

Едвај чекаме да се изградат згради

Лиле е повозразна граѓанка во една од неколкуте преостанати куќи во населбата Пролет.

Таа не живее во населбата но престојува таму во летните денови и како што вели чека инвеститорот конечно да почне со градба.

„Пред пет и пол години јас и неколку сосседи потпишавме договор со градежна компанија која ќе гради зграда на оваа локација. Но, до денес се уште нема најава кога таа ќе почне да ги руши куќите и да изгради згради. Ист е случајот и со другата страна (од улицата) и тие соседи се договорија пред три-четири години но и таму се уште не се гради“ вели таа.

Госпоѓа Лиле смета дека таа и нејзините соседи се чувствуваат како заложници затоа што поради потпишаниот договор, сега веќе не можат да преговараат со други инвеститори, а градежната компанија со која се договориле никако да почне со изградба.

Во меѓувреме на неколку парцели недалеку од куќата на Лиле, забрзано се креваат висококатници.

„Едвај чекаме да почне да се гради овде“ вели таа.

Одговарајќи на нашето прашање какви се условите за живот, Лиле вели ако порано тие биле одлични, сега за домување во индивидуална куќа, тие се недостојни.

Извор 24 Инфо

Зачлени се на нашиот е-билтен