Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Жртвите на онлајн родово наслилство да поднесуваат почесто пријави во МВР

Со напредокот на модерната технологија, вештачката интелигенција и сè поинтензивното користење на социјалните мрежи се отвара нова димензија на сексуалното насилство врз жените и деца, а случајот од 2020 година со „Јавна соба“ и споделувањето на експлицитна сексуална содржина покажува дека и македонското општество не е имуно на новите „трендови“ на родово базирано насилство кои имаат сериозни последици по менталното здравје, угледот па и финансиската состојба на жртвите.

Неконсензуалното споделување на фотографии и видео снимки преку социјалните мрежи и други канали за комуникација, како и манипулирањето со фотографии со користење на дипфејк технологија отвара потреба од итно дополнување на Кривичниот законик за јасно дефинирање на кривичното дело, негово гонење по службена должност и соодветни санкции за сторителите.

– Изостанува една анализа на тоа како постојната правна рамка дава заштита, односно дали таа е адекватна да понуди соодветна правда за жртвите и следствено на тоа изостануваат иницијативи за надополнување на законодавството кое во моментов дава само една делумна покриеност на овие случаи преку изолирани норми, а тоа е нешто што е случајно, не е во интенцијата на законодавецот да го регулира овој проблем туку само случајно преку изолирани норми во моментов е регулирано. Заклучокот е дека е потребна итна иницијатива за измена на Кривичниот законик за внесување на едно ново кривично дело коешто ќе води сметка за родовите аспекти на делото и ќе ги инкриминира сите аспекти на неовластено сексуално насилство преку слики и дипфејкови – рече Мартина Дранговска Мартинова, која го изработи извештајот за сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

– Доколку се работи за дете нашата судска пракса постапува по член 193 и сличните членови или членот 149, злоупотреба на личните податоци, но она што е многу присутно во праксата во последните години се ситуациите кога ваквите материјали се изменети, манипулирани од таканаречени дипфејк креации каде ликот на едно лице се монтира на тело, се менуваат тие содржини и потоа се пласираат во јавноста, или пред трети лица сосема неовластено. За жал нашиот Кривичен законик не го препознава до крај овој начин на извршување на кривичното дело и сметаме дека е потребно што поскоро да се дополни со едно ново кривично дело коешто експлицитно ќе се однесува на неовластеното споделување односно злоупотреба, правење, дисеминација на вакви содржини особено што ваквата пракса несразмерно повеќе ги погодува жените и девојчињата и добива облика на родово засновано насилство и сексуално насилство во најширока смисла на зборот. Тоа е аргумент плус зошто се потребни измени на КЗ што поскоро во оваа сфера – изјави Александра Деаноска Трендафилова, редовен професор на Правниот факултет при УКИМ.

Дури и Јавното обвинителство кое како надлежна институција постапува при ваквите кривични дела, веќе ги детектираше правните празнини кои постојат и заедно со невладиниот сектор и обвинителствата од регионот дојде до предлог за ново кривично дело „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално експлицитна содржина“ кое ќе го достави на разгледување до Министерството за правда.

– Делото би се гонело по службена должност, предвидена е висока затворска казна во основен облик од 1 до 5 години, предвидено е со казната да се казнува и оној што со употреба на компјутерски систем или на друг начин ќе изработи нова или ќе промени постоечка видео снимка, фотографија, аудио запис или спис. Од отежнителните околности е можноста да се споделува со повеќе лица и доколку делото е сторено спрема дете ќе се регулира посебно, зашто детска порнографија сепак е порнографија и се прави од економски причини, за да се продаде и да се заработи на неа. Ова дело би било многу пошироко и ги опфаќа и ситуациите кога дете со дете снима снимка, и нема за цел тоа да биде порнографска содржина, меѓутоа го прикажува во некаков порнографски контекст. Затоа добро е да имаме дополнителен квалификаторен облик и казната за ова кривично дело, сторено кон дете, предлагаме да биде од 3 до 10 години затвор- рече Билјана Арсовска од Јавното обвинителство.

Усвојувањето на специфична законска регулатива ќе обезбеди поефикасна заштита на жртвите и ќе создаде основа за превенција на идни злоупотреби.

– Потребен е еден холистички пристап којшто ќе започне од едукација од најмалите, односно од училиштата и покренување на јавната свест кај сите особено кај жените и девојките кои се најзасегнати од овој вид на насилство, прво за тоа како да го превенираат во рамките на своите можности, а потоа и како да постапат во случај кога постојат вакви типови на насилство. Довербата во институциите секако е проблем, затоа и иницијативите на граѓанското општество се во насока на тоа да им пружаат поддршка на жртвите во самиот процес на пријавување. Потоа секако ова дело се води по службена должност, односно институциите, Јавното обвинителство е тоа што треба да постапи и да го докаже самото дело – потенцира Мартина Дранговска Мартинова.

Во Министерството за внатрешни работи, во Секторот за компјутерски криминал пристигнуваат пријавите од жртви на насилство преку компјутерските системи. Главно пријавите се однесуваат на лажни профили креирани на Фејсбук и Инстраграм каде се споделуваат немонтирани фотографии од жени дека нудат сексуални услуги и се остава нивниот телефонски број по што буквално се тероризираат.

– МВР постапува по пријава на жртвите или ако непосредно забележиме случај на лажен профил. Ако се работи за сексуална злопупотреба на деца веднаш постапуваме и правната заштита на децата е многу поголема, додека при сексуално насислтво врз жени и мажи се преземаат мерки во редовна постапка. Проблем е што социјалните мрежи каде се дистрибуираат вакви содржини не постапуваат веднаш. Кога се споделуваат фотографии на Твитер и на Вибер нашата работа е отежната поради нивната несоработка, па бараме меѓународна правна помош, а со ВПН конекциите е уште потешко бидејќи сторителите се непознати – вели Азамела Чуљевиќ, началничка на Одделението за истраги за злоупотреби на интернет при Секторот за компјутерски криминал при МВР.

Таа апелираше до жртвите кога ќе поднесуваат пријава до МВР наместо скриншотови од лажни профили до полицијата да го достават УРЛ линкот за да може побрзо да реагира и да ги извлече потребните информации за кривично гонење на сторителот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново