Ѕидот од дронови ќе биде оперативен следната година

Европската унија ја турка напред иницијативата за т.н. „Ѕид од дронови“, со целосна оперативност можеби за само една година, изјави еврокомесарот за одбрана и Вселена, Андриус Кубилиус. „Треба да сфатиме дека ни недостигаат капацитети за откривање дронови. Можеби имаме добри капацитети за откривање ловци и ракети, но дроновите се специфични – летаат ниско и се мали“, порача тој за „Еурактив“. Оптимистичката временска рамка ја потврди и портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет и одбрана, Тома Рение, кој вели дека иако техничките детали допрва ќе се прецизираат, политичката волја е јасна.

Проектот веќе добива на масовност: покрај претходно објавените Бугарија, Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Финска, плус Украина, кон иницијативата се приклучи и Словачка. Рение најави дека „Ѕидот од дронови“ ќе биде тема и на разговори со НАТО, во рамки на засилената ЕУ–НАТО координација за одбрана на источниот фронт и заштита од нисколетачки, тешко детективни платформи.

Клучниот момент ќе биде состанокот в петок меѓу комесарот Кубилиус и претставници на земјите вклучени во проектот. „Тоа нема да биде само состанок што изгледа убаво на хартија, туку состанок со силна посветеност и конкретни резултати“, рече Рение, додавајќи дека Комисијата очекува цврсти обврски од државите членки. Работната хипотеза е слоевит систем за рано предупредување кој ќе комбинира електро-оптички/инфрацрвени сензори, пасивни радари, радио-фреквентна детекција и интеграција со постојните воздушни слики, со цел побрзо откривање, класификација и одлука за реакција.

Подигнувањето на „Ѕидот од дронови“ е директен одговор на растечките инциденти со беспилотни летала долж источната граница на ЕУ и периодичните нарушувања на воздушниот простор на НАТО. Со поставување за една година, Брисел испраќа сигнал дека слабите точки во нискиот воздушен простор ќе се адресираат со заеднички стандарди, брзи процедури за размена на податоци и оперативна интероперабилност меѓу членките и НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен