Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зимата е на прагот, а граѓаните сè уште ја чекаат проверката на документите за ваучери за клими во новото Министерство за енергетика

Државата со години ги стимулира граѓаните да го напуштат греењето на дрва и да почнат да се греат на струја, иако се уште има градоначалници како на пример Орце Ѓорѓиевски општина Кисела Вода, кои и оваа година како и минатата делат субвенции за купување дрва.

Во изминатите години, субвенции за промена на начинот на греење делеа Министерството за економија, но и Град Скопје, Тетово и Битола, како најзагадени. Во изминатите две години пак нема прецизни информации дали овие градови продолжиле со ваквите субвенции, освен последниот повик на министерството за економија во февруари.

Проектот за субвенции за поставување клими и печки на пелети, е со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.

Со отворањето на новото министерство за енергетика граѓани кои за вучери за клима аплицираа уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат информација до каде е процедурата за која претходната Влада определи буџет од 4,1 милиони евра.

Според огласот на кој 18.805 граѓани аплицираа за ваучерите за клими инвертери уште во февруари, а крајниот рок да ги вградат климите е 30 ноември, ќе се доделат 8.000 ваучери, но сега преку новото Министерство за енергетика.

– Од министерството за економија неколку пати велеа дека се разгледуваат документите, а сега процедурата преминала во министерството за енергетика. Доаѓа зима, не знаеме дали да купуваме дрва или што да правиме, вели жител на Скопје.

Мерката ја промовираше претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, а целта беше да се поттикнат граѓаните да спроведуваат енергетска ефикасност во домаќинствата. Важеше за територијата на цела држава, па конкурираа и граѓани од градовите од внатрешноста. Огласот беше затворен за само четири дена, поради големиот интерес.

Вредноста на ваучерите е по 25.000 денари по домаќинство за општините во пелагонискиот (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), и по 23.000 денари за општините во скопскиот, источниот, југоисточниот, североисточниот, вардарскиот и полошкиот регион.

Наместо преку економија, ваучерите ќе одат преку новото Министерство за енергетика, а бавноста на процесот делумно е поради изборите што во Северна Македонија се одржаа во април и во мај, а делумно и поради реорганизацијата на министерствата во новата Влада.

Сега, наместо Министерството за економија каде граѓаните поднесуваа барања, ваучерите ќе ги доделува новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, потврди министерот за економија и за труд, Бесар Дурмиши.

Огласот се однесуваше на ранливи потрошувачи (на кој аплицирале 4.305 граѓани) и на граѓаните кои не спаѓаат во ранлива категорија (од нив има 14.500 барања).

Право на учество имаа домаќинствата кои во минатите три години не користеле субвенции за инвертри или печки на пелети и немаат приклучок на централно градско греење.

Во исто време, имаше и повик за да се пријавуваат фирми кои продаваат инвертери. И списокот на фирми во кои можат да се искористат ваучерите треба допрва да биде објавен.


Најново