Обединетото Кралство се подготвува за силната зимска бура „Чандра“, која денес ќе донесе силни ветрови, обилни врнежи од дожд и снег во поголем дел од земјата. Британската метеоролошка служба Met Office издаде серија предупредувања, меѓу кои и портокалови – што укажуваат на можна опасност по живот, јавува Sky News.
Портокалови предупредувања низ земјата
За југозападниот дел на Англија е издадено портокалово предупредување за обилни врнежи од дожд, кое ќе важи во понеделник и вторник. Се очекуваат меѓу 30 и 50 милиметри дожд, а на повисоките делови, особено на јужниот Дартмур, и до 80 милиметри. Поради веќе натопеното тло, значително е зголемен ризикот од поплави.
Жолти предупредувања се на сила за поголемиот дел од Англија, вклучително и Лондон, како и за делови од Велс и Северна Ирска. Со засилувањето на бурата „Чандра“ денес, временските услови дополнително ќе се влошат.
За Северна Ирска е издадено портокалово предупредување поради силен ветер, со налети од 60 до 70 милји на час, а на одредени крајбрежни подрачја и до 75 милји на час.
Снег на северот, дожд на југот
Главниот метеоролог Пол Гундерсен изјави дека земјата се соочува со „комплексен временски период“ поради приближувањето на циклонот.
„Силните ветрови прво ќе го погодат островскиот архипелаг Сили, западен Корнвол и југозападен Велс – подрачја кои сè уште се ранливи по невремето Горети. Таму се можни удари на ветер и до 80 милји на час“, изјави Гундерсен.
Тој додаде дека дополнителен ризик претставува и обилниот дожд врз веќе натопеното тло во Дорсет, како и во јужните делови на Девон, Самерсет и Корнвол.
„Како што бурата ќе се движи кон север и ќе наиде на постуден воздух, ќе се зголеми и ризикот од снег. На повисоките предели на Пенините, јужна Шкотска и Шкотските Висорамнини можно е да наврнат од 10 до 20 сантиметри снег“, рече тој.
Ризик од одрони и прекини во сообраќајот
Жолти предупредувања за дожд и снег се издадени и за делови од Шкотска, Мидлендс, североисточна и северозападна Англија, како и за Јоркшир. На надморска височина над 300 метри се очекуваат 2 до 5 сантиметри снег, а над 500 метри и до 20 сантиметри.
Met Office предупредува на можни поплави, доцнења и откажувања во сообраќајот, прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и одрони на земјиште. Постои и ризик некои населени места привремено да останат отсечени поради поплавени патишта.
Низа бури ја погодуваат Британија
Бурата „Чандра“ доаѓа само неколку дена по бурата „Ингрид“, која минатата недела ги погоди југозападните делови на Англија. Претходно, овој месец, бурата „Горети“ донесе снег, дожд и силни ветрови низ голем дел од Обединетото Кралство.
Името „Чандра“ е следното од официјалната листа што заеднички ја користат метеоролошките служби на Велика Британија, Ирска и Холандија. Следната бура ќе го носи името „Дејвид“. Некои од претходните бури биле именувани од странски метеоролошки служби – „Горети“ од Франција, а „Ингрид“ од Португалија.