Забавниот парк „Зимзоленд“ е затворен за посетители по интервенција на Министерството за внатрешни работи, во координација со Општина Аеродром.
Според достапните информации, во текот на денот бил извршен увид на терен од страна на полициски службеници и општинските инспекциски служби, по што во контролите биле вклучени и екипи од Управата за јавни приходи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат.
Контролите следуваат по низата реакции и прашања што во изминатиот период се појавија во јавноста, а се однесуваат на безбедноста на забавните содржини, како и на тоа дали организаторите располагале со соодветна документација и дозволи за поставување и работа на паркот.
Иако засега нема официјално соопштение од надлежните институции, извори посочуваат дека утврдените неправилности биле причина за вечерното затворање на објектот. Поради тоа, откажан е и најавениот настап на диџеј Тина.
Се очекува во текот на денот институциите да излезат со официјални информации и детали за исходот од контролите.