Златан Ибрахимовиќ на сликовит начин му ја објаснил разликата меѓу некогашниот и денешниот Пари Сен Жермен на претседателот на клубот, Насер Ел Келаифи, потенцирајќи дека денешните успеси се темелат на периодот кога клубот допрва го градел својот идентитет.
Кога Ибрахимовиќ пристигна во ПСЖ во 2012 година, ерата на Ел Келаифи штотуку започнуваше, а клубот сè уште не беше преполн со светски ѕвезди. Шведскиот напаѓач беше првиот голем фудбалер што се пресели во Париз.
„Не сакав да одам, тоа е разликата. Ова е прв пат да не сакав трансфер, но бев продаден од економски причини. Им реков дека ми е добро во Милан, дека се чувствувам жив и не сакам да ја менувам ситуацијата“, изјави Ибрахимовиќ, присетувајќи се на разговорите со тогашното раководство.
По лошото искуство во Барселона и конфликтот со Пеп Гвардиола, Златан не сакал нова промена, а особено не трансфер во Франција, каде ПСЖ во тоа време го сметал за „мал клуб“.
„Играв пред 80.000 луѓе во Серија А, а требаше да одам на стадион со 5.000 гледачи. За мене тоа беше чекор наназад. Но, потоа ми го објаснија што сакаат да изградат и каков тим планираат“, раскажа Ибрахимовиќ, додавајќи дека неговиот агент Мино Рајола уште тогаш верувал во визијата на клубот.
Денес ситуацијата е сосема поинаква. Пари Сен Жермен стана европски гигант, привлече ѕвезди како Лионел Меси, а под водство на Луис Енрике успеа да ја освои и Лигата на шампионите. Но, Ибрахимовиќ смета дека корените на тој успех лежат во првите години, кога тимот го сочинуваа фудбалери како Хавиер Пасторе, Блез Матуиди, Марко Верати и Езекел Лавеци.
„ПСЖ растеше. Сè што имаат денес е резултат на она што го направивме ние. Бев таму кога клубот не беше тоа што е сега. Јас бев дел од создавањето на менталитетот. Му реков на Насер, за секој проект ви треба архитект, а јас бев вашиот архитект. Сега сите што доаѓаат јадат кавијар, а кога јас бев таму, јадевме шницли“, рече Ибрахимовиќ.