Златна треска во Македонија: граѓаните инвестираат во накит и инвестициско злато

Цената на златото постојано расте, а инвеститорите сметаат дека вложувањето во злато во време на економска и политичка неизвесност е безбедно, бидејќи се очекува неговата вредност да остане стабилна или да се зголеми. Овој тренд позитивно влијае и врз девизните резерви на Македонија, каде што дел е вложен во монетарно злато.

Според последните податоци на Народната банка, вредноста на монетарното злато изнесува 647,8 милиони евра, што е 13,6% од вкупните девизни резерви, во споредба со 11,2% пред една година.

Директорот на „КБ Инвест“, Горан Марковски, истакнува дека цената на златото се очекува да продолжи да расте поради стабилната побарувачка. „Нашиот златен фонд инвестира во акции на производители на злато и други благородни метали, кои исто така покажуваат раст. Приносите од почетокот на годината се зголемени за 90% — на пример, ако некој вложил 100 денари, сега вреди 190 денари“, објаснува Марковски.

Тој додава дека инвеститорите претежно купуваат физичко злато — накит или инвестициско злато — наместо да вложуваат во фондови. Аналитичарите велат дека поради економската неизвесност, предизвикана меѓу другото и од американските царини, растот на цената на златото ќе трае најмалку пет години.

„Златото традиционално е сигурно засолниште (‘safe haven’) и привлекува инвеститори во турбулентни времиња. Минатата година цената на златото порасна за 49%, а на среброто дури за 54%, што покажува дека инвеститорите се префрлаат од ризични инвестиции како хартии од вредност и недвижности кон сигурни пласмани“, објаснува универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Во Македонија, зголемен интерес за златото се забележува од пред неколку години, а пазарот нуди не само накит и јубилејни монети, туку и инвестициско злато како нова финансиска опција.

Цената на златото денес се движи околу 4.000 американски долари за унца или 127 долари за грам, а експертите прогнозираат продолжување на растот поради глобалната нестабилност и инвестициските очекувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен