„Златниот објектив“ на Кинотеката за Столе Попов

По повод Денот на Кинотеката 29 април, Управниот одбор одлучи годишната награда „Златен објектив“ да му биде доделена на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година.

Потоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…

Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Кинотеката го одбележува својот роденден, односно датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката – на 29 април, во далечната 1974 година. Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години подоцна, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции.

Треба да знаете
Moже да ве интересира