Злокобната „Шифра 99“ одекнува во иранските болници: Кога ќе го слушнете овој код, тоа значи само едно нешто – ужас

Во иранските болници за време на протестите, „шифрата 99“, се користи како итен аларм за пациенти во животозагрозувачка состојба, најчесто со прострелни рани.

Лекар во болница во Машхад се обиде да реанимира девојка (22) која беше застрелана од безбедносните сили. „Три пати извршив КПР, но таа почина“

Од иранските болници доаѓаат страшни сведоштва за лекарите кои се борат за животите на демонстрантите ранети од огнено оружје за време на бруталното задушување на протестите. „Шифрата 99“ – итно предупредување резервирано за пациенти со прострелни рани – одекнува низ ходниците додека медицинскиот персонал се соочува со хаос и смрт, објавува лондонскиот „Тајмс“.

Лекар во болница во Машхад, во североисточен Иран, се обиде да реанимира 22-годишно девојче кое беше застрелано од безбедносните сили во петокот вечерта. „Три пати извршив КПР, но таа почина“, рече тој, додавајќи: „Пукаат со боева муниција“.

Пораката е една од ретките што протекоа од Иран и покрај речиси целосното исклучување на интернет и телефонските услуги од минатиот четврток.

Д-р Кајван Мирхади, иранско-американски лекар во Њујорк, ги користи своите канали на социјалните медиуми за комуникација со колегите во Иран, како што правел за време на протестите по смртта на Махса Амини во 2022 година. Пред исклучувањето на интернетот, вели тој, добил стотици пораки во кои се бара совет за лекување на ранети демонстранти.

„Кодот 99“ варира од болница до болница и не е универзален медицински стандард.

Во иранските болници за време на протестите, се користи како итен аларм за пациенти во животозагрозувачка состојба, најчесто со прострелни рани. Таквиот повик значи дека пациентот е на работ на клиничка смрт или веќе престанал да дише и/или да работи на срцето, што бара итна реанимација.

Некои веќе биле мртви при приемот

Во пораките што ги сподели со медиумите, еден лекар во Машхад рече дека неговата болница регистрирала најмалку десет смртни случаи на демонстранти само минатиот петок навечер. Некои веќе биле мртви при пристигнувањето во блиските установи – 12 во едната, 22 во другата. Во две други локални болници со центри за траума, пријавените бројки се многу повисоки.

Новинска агенција за активисти за човекови права со седиште во Вашингтон соопшти дека документирала најмалку 72 смртни случаи поврзани со протестите низ Иран од 28 декември.

Жител на Техеран, кој разговараше преку сателитскиот систем Starlink минатата сабота, опиша земја зафатена од насилство и страв.

„Секоја вечер протестите продолжуваат до полноќ. Пукаат во луѓе. Пукаат огромни количини солзавец. Братот на еден наш пријател во Техеран беше убиен. Кога неговото семејство отиде во мртовечницата Кахризак да го бара неговото тело, му биле прикажани околу сто тела.“

Владата, ги блокира комуникациите за да го скрие обемот на масакрот. „Тие го исклучија интернетот затоа што вршат масакр. Нема начин за комуникација, дури и телефонските линии се прекинати.“

Медицинските установи се на работ на колапс

Пораките и фотографиите што пристигнуваат создаваат слика за медицински установи во критична состојба. Ирански лекар изјави за Би-Би-Си дека болницата Фараби, главниот очен центар во Техеран, е под огромен притисок, а службите за итни случаи се преоптоварени. Во Керманшах, на западот од земјата, здравствен работник ја опиша ситуацијата како „исклучително тешка“.

Според информациите собрани од Курдистанската мрежа за човекови права, десетици цивили биле ранети таму минатата среда и четврток. Лекар во Техеран, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека шест болници во градот регистрирале најмалку 217 смртни случаи од демонстранти само во четврток навечер. Друг лекар потврди дека најмалку 38 тела биле донесени во неговата болница таа ноќ.

„Ситуацијата тука е навистина лоша“, напиша тој. „Тие убиваат луѓе без милост, претежно млади луѓе“.

Зачлени се на нашиот е-билтен