ЗНМ: Инститиуциите итно да реагираат за смртните закани кон новинарот Александар Видиновски

Пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот („смрт за вас“), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот, Видиновски, пишува во соопштението на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудува сериозните онлајн напади, навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот на Канал 5 Tелевизија, Александар Видиновски, по објавата на неговото видео на социјалните мрежи за непрописно паркираните возила на тротоарот пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, пишува во соопштението кое ЗНМ го објави на својата веб страници и го достави до медиумите.

Од таму порачуваат дека пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот („смрт за вас“), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот.

„Ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес“, предупредуваат од ЗНМ.

Здружението на новинари на Македонија, најави дека преку својот адвокатски тим ќе му обезбеди правна помош на новинарот Александар Видиновски, и поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи.

„Очекуваме надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да обезбедат соодветна институционална реакција, согласно законските надлежности“, бараат од ЗНМ.

Здружението потсетува дека новинарот Видиновски известувал за проблем од јавен интерес – непрописно паркирање на јавна површина, за кое реагираа и граѓани, а за кое став изнесе и Министерството за внатрешни работи. Новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.

ЗНМ изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира до институциите ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети.

Здружението ќе продолжи внимателно да го следи случајот и да ги користи сите расположливи механизми за заштита на новинарите и медиумските работници.

Зачлени се на нашиот е-билтен