Зоолошка ја демне смрт: животните едно по едно умираат, Кирков алармира за туберкулоза

атворена зоолошка градина / Фото: Слободен печат / Драган Митрески
атворена зоолошка градина / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во скопската Зоолошка градина се редат трагедии една по друга – европскиот бизон, ламите и младо гибонче се последните жртви, а причината, според советникот во Град Скопје Стефан Кирков, е туберкулоза.

„Неодамна починаа лами за кои се утврди дека имале туберкулоза, пред неколку дена почина младо мајмунче од видот Гибон со истата дијагноза, а денес официјално добив резултати дека и европскиот бизон бил болен од туберкулоза“, напиша Кирков на Фејсбук.

Според него, резултатите се добиени од Ветеринарниот факултет, Ветеринарниот институт и Агенцијата за храна и ветерина. Болеста, како што укажува, е пренослива и од животно на животно, но и од животно на човек.

Алармантна состојба

Кирков предупредува дека Зоолошката градина е контаминирано подрачје и дека вработените се оставени без никаква заштита, а во меѓувреме илјадници посетители секојдневно се движат меѓу живеалиштата каде умираат животни.

„Вработените се подложени на мобинг за да молчат, а менаџментот – Попов и Стаменов – не одговара за тоа што се случува. Ова е закана по здравјето на граѓаните и на сите животни во Зоолошката“, обвинува советникот.

Тој најавува кривична пријава од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за итна интервенција на државните институции – вонреден инспекциски надзор, проверки на сите животни и вработени, па дури и времено затворање на установата доколку е потребно.

Долг низ на угинати животни

Ова не е првпат скопската Зоолошка да се најде во вакви црни вести. Само во последните три години, според официјалните податоци што Кирков ги добил, починале над 50 животни.

Случаи на колење и труење на коњи, труење на волци и бербески овци, угинувања од пневмонија, салмонела од расипана храна, па дури и смрт од непознати причини – сето тоа е дел од хаосот што, како што вели Кирков, трае предолго и без никаква одговорност.

„Оваа институција треба да биде лицето на Скопје, а догодина ќе одбележи 100 години постоење. Наместо тоа, сведоци сме на хорор кој никој не сака да го признае“, вели тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен