Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зоолошката градина во Скопје полни 98 години – Овој 1 септември само Галетановски се сети на роденденот

Зоолошка градина во Скопје е најстара на Балканот, формирана во 1926 г. од страна на тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман. Во истата 1926 година е предложено денешното место која во тоа време опфаќала 4 хектари површина, а градината располагала со скромен број на животни кои претежно биле добиени како подарок.

Д-р Караман бил биолог и доктор по зоологија од Сараево и затоа во исто време биле отворени и Природно-научниот музеј, кои до извесен период функционирале како една организација, биле изградени и Градскиот парк и Ботаничката градина. Со ова Скопје станал првиот град во тогашните Балкански простори, кои имале ваква природно-научна и Зоо структура.

Со решение на Градското собрание во 1965 година и со донесувањето на елаборатот во 1966 година за ново урбанистичко решение, Зоолошката градина Скопје го добива денешниот изглед.

Денес, градината е сместена на површина од 12 хектари, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира животните, со една хумана димензија во рамки на културна, образовна и научна дејност во општеството.

За жал денеска за разлика од претходните години немаше никаква најава дека Зоолошката градина ќе го слави својот роденден кој традиционално е на 1 септемви, последниот пост на нивната Фејсбук страница е од пред шест дена, а немаше ниту соопштение до медиумите за планирани активности во текот на денот.

Минатата година со помош на спонзори беше организиран „Doctor Sauer ZOO Fest“, каде настапија жонглери и акробати, а се одржаа и едукативни работилници. Со проекцијата на филмот „Пинокио“ во Градски парк, на „Школка“ се одбележаа 95 години од основањето на Зоолошка градина – Скопје.

А секако незаборавна е прославата на 93. роденден кога 10.000 посетители, родители и деца, но и други посетители уживаат во приредбата која беше организирана во чест на роденденот, но исто така учествуваа во отворањето на Бејби Зоо градината која им овозможи на најмладите да се дружат со младенчињата на се поголемиот број животни.

Тогашниот директор на Зоолошка, Ѓорѓи Галетановски сподели носталгична фотографија од оваа голема прослава и и го честиташе роденденот на институцијата која за само една година од преземањето на функцијата ја направи најпосетувана во државата. Неделните посети на Зоолошка достигнуваа и до 25.000 посетители. За само една година изградени беа нови живеалишта за слоновите и шимпанзата, како и нови домови за пингвините и фламингосите.

По низата на негативни случувања во Градината, кои се нижеа изминатите години, откако се сменија тројца директори, како што се изгубениот кандидатски статус во ЕАЗА, угинување на голем број на заштитени видови на животни, но и убиството, односно труењето на трите пржевалски коњи со силен отров, кое се уште не е расчистено и не е пронајден сторителот, во јавноста повторно е актуелно прашањето – Ќе попушти ли Арсовска пред јавниот притисок и ќе добие ли Галетановски шанса да го исполни ветувањето – Да ја направи Градината установа која ќе биде гордост на Македонија?

Резултатите од огласот кој го распиша Арсовска требаше да бидат објавени на 29 август, но се уште молк од Град Скопје. Претходно во јавноста се шпекулираше дека ова не е вистински оглас, туку оглас за потврда на сегашниот в.д директор, бидејќи законскиот рок за мандат на вршител на должност трае 6 месеци, а сегашниот Зоран Попов, веќе има три мандати како в.д. директор. но ниту еден од директорите кои ги постави таа не се погрижи вистински за Зоолошката, што резултираше со угинување на многу животни.

Откако Галетановски поднесе оставка во 2022 година, на негово место дојде Кристијан Стаменов, а тогаш медиумите објавија дека во дворот на Зоолошката градина се колат десетици коњи, добиени од Агенцијата за управување со одземен имот, и им се даваат како храна за животните. По ова, разрешен беше тогашниот директор Стаменов и поставен нов – Драган Илиевски, за кого Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека Арсовска именувала лице кое не било вработено во оваа јавна установа што е спротивно на законот кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци, па на негово место дојде Попов.

Градоначалничката Арсовска во својот досегашен мандат од неполни две години успеа да смени повеќе од 30 директори на јавни претпријатија и установи. Во секое од нив имаше барем по трипати промена. Најпрво, директорските позиции ги држеа кадри од ВМРО-ДПМНЕ, но по кавгата преку медиумите и од говорницата на Советот на Град Скопје со нивниот лидер Христијан Мицкоски, тие беа експресно сменети.

Во моментов најголемиот број луѓе на челните позиции во јавните претпријатија се од ГРОМ и ДУИ, а јавноста веќе „крена раце“ од тоа кој е каде директор, затоа што по честите нивни смени, тешко е да се запомнат новите „комбинации“.

Зачлени се на нашиот е-билтен