Цените на скапоцените метали достигнаа рекордни нивоа, а за ова придонесоа и голем број фактори.
Цената на златото се зголеми за повеќе од 60% оваа година, достигнувајќи рекордно ниво од најмалку 3.867 евра за унца. Иако неговата вредност малку се намали по Божиќ (според Грегоријанскиот календар), во пресрет на Нова Година се тргуваше по цена од околу 3.698 евра за унца.
Среброто, во меѓувреме, исто така имаше спектакуларна година. На Нова Година, се тргуваше по околу 63 евра за унца, откако достигна рекордно високо ниво од 71,08 евра во понеделник.
Што стои зад порастот на цените на среброто и златото?
Овогодишните добивки се поттикнати од комбинација од неколку клучни причини, објавува Би-Би-Си.
Инвеститорите бараа таканаречени „безбедни засолништа“ поради глобалните тензии и економската неизвесност, централните банки ширум светот купија повеќе злато, а пазарот очекува понатамошни намалувања на каматните стапки.
„Цените на златото и среброто бележат значителен раст поради интеракцијата на неколку економски, инвестициски и геополитички фактори“, објасни Ранија Гуле од платформата за тргување XS.com.
Главен двигател на растот, додаде таа, е очекувањето дека американската централна банка (Федералните резерви) повторно ќе ги намали каматните стапки во 2026 година. Според Светскиот совет за злато, централните банки додадоа стотици тони злато во своите резерви оваа година.
Кинески ограничувања и индустриска побарувачка
Даниел Такиедин, коосновач на инвестициската фирма Sky Links Capital Group, ги посочува „ограничената понуда и индустриската побарувачка“ како важни фактори што ја зголемија цената на среброто.
На ова значително влијаеше Кина, вториот најголем производител на сребро во светот, која објави дека ќе го ограничи извозот на овој скапоцен метал. Во октомври, Министерството за трговија на Кина објави нови ограничувања за извоз на сребро, како и метали од волфрам и антимон, за „зајакнување на заштитата на ресурсите и животната средина“.
Шефот на Тесла, Елон Маск, одговори на објавата на социјалните мрежи со кратка порака: „Ова не е добро. Среброто е потребно во многу индустриски процеси“.
Такиедин, исто така, истакна дека големи количини пари влегле на пазарот на скапоцени метали преку инвестиции во берзански фондови, познати како ETF.
ETF се инвестициски пакети со кои се тргува на берзата како индивидуални акции. Тие се сметаат за практичен начин за инвестирање во скапоцени метали бидејќи инвеститорите не треба физички да поседуваат злато или сребро.
Прогнози за 2026 година
Експертите очекуваат продолжување на позитивните трендови во наредната година. Гуле предвидува дека цената на златото ќе продолжи да расте во 2026 година, но „со постабилно темпо во споредба со рекордните нивоа забележани во 2025 година“.
Среброто, исто така, има потенцијал повторно да расте, според Такиедин. Сепак, тој предупредува дека „зголемувањето би можело да биде проследено со поостри корекции“.