Зошто доцнат платите во образованието? Реакција на претседателот на СОНК

Доцнат платите во образованието, а околу 18 илјади вработени во основните училишта на 17 февруари останаа без јануарска плата, по што претседателот на СОНК, Јаким Неделков, јавно реагираше дека е пробиен законскиот рок и побара институциите да дадат јасен одговор каде „заглавила“ исплатата и кога конечно ќе легне на сметките.

Неделков наведе дека, според информации блиски до синдикатот, Министерството за образование и наука навреме ги доставило списоците до Министерството за финансии, но дека „од објективни причини“ таму дошло до доцнење. Во исто време, од Министерството за финансии на прашањето зошто се пробива рокот одговориле со општа формулација дека налозите се обработуваат редовно и дека, според динамиката на пристигнување од буџетските корисници, ќе бидат реализирани преку Трезорот.

Од СОНК велат дека добиле уверување оти доцнењето е „оправдано“ и дека исплатата ќе се реализира во текот на денот, но реакцијата на синдикатот ја отвори суштинската слабост на системот: кога државата и институциите си ја префрлаат одговорноста, 18 илјади семејства остануваат во неизвесност среде месец, без јасен и проверлив рок.

Паралелно, од Независниот синдикат за образование остро реагираа дека проблемот се повторува и оценија дека станува збор за несериозност и институционална негрижа кон вработените во јавниот сектор. Оттаму најавија дека, ако „лошата пракса“ продолжи, ќе одговорат со покренување штрајк.

Во образованието работат околу 30 илјади вработени, а овој пат најдиректно погодени се вработените во основното образование. Доцнењето на платите, освен што укажува на проблеми во координацијата меѓу институциите, повторно го отвора прашањето зошто државата нема механизам навреме и транспарентно да објасни каде настанал застојот и кој ќе сноси одговорност кога роковите се пробиваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен