Ситуацијата на Блискиот Исток се вжештува, а потези како затворањето на Ормутскиот теснец може да имаат последици за целиот свет.
„Загриженоста за одмазда и можноста за ескалација на оваа војна е огромна, особено кога Иран ќе го затвори Ормутскиот теснец. Тоа би било исклучително опасно и лошо за сите“, изјави високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедност Каја Калас пред средбата со европските претставници.
Ормускиот теснец, или Хормуз, е клучна поморска рута за глобални испораки на енергија, а секое нарушување на сообраќајот на таа локација би имало сериозни геополитички и економски последици.

Да потсетиме, Израел прво почна да го бомбардира Иран, тврдејќи дека Техеран развива нуклеарно оружје, за што нема конкретни докази, а во текот на викендот во нападите се приклучија и САД. Беа погодени три нуклеарни локации, и иако Вашингтон најави дека акцијата била успешна, според иранските власти, тие објекти веќе извесно време се напуштени бидејќи биле евакуирани.
Светот внимателно следи како ќе реагира Иран, а еден од клучните чекори би бил затворањето на Хормуз, витална трговска рута низ која тече една петтина од глобалните резерви на нафта. Секој ден низ теснецот минуваат 20 милиони барели нафта и течен гас.
Зошто е толку важен Ормускиот теснец?
Хормуз е геостратешки важен за САД, но и за многу други земји бидејќи светската економија во голема мера се потпира на нафтата.
Ормутскиот теснец се наоѓа помеѓу Оман и Иран и ги поврзува Оманскиот и Персискиот залив. Го контролира морскиот сообраќај кон Кувајт и Ирак, а во најтесниот дел е широк околу 50 километри.
Се проценува дека една петтина од вкупната потрошувачка на нафта во светот поминува низ Хормуз, а ја користат членките на ОПЕК Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак. На тој начин тие транспортираат сурова нафта понатаму кон Азија.
Покрај тоа, петтата флота на САД, со седиште во Бахреин, има задача да го заштити комерцијалниот превоз во областа.
Што би се случило доколку се затвори Ормускиот теснец?
Како што пренесува Гардијан, цената би ја платил американскиот претседател Доналд Трамп, а цената на нафтата веднаш би скокнала низ светот.
Од друга страна, Иран би си наштетил и економски. Иранската нафта се транспортира по истиот пат, а затворањето би ризикувало да ги вовлече арапските земји од Персискиот залив, кои беа жестоки критичари на израелските напади, во војна за заштита на сопствените интереси.
Затворањето на теснецот исто така би предизвикало значителна штета на Кина. Втората по големина светска економија купува речиси 90 отсто од иранската нафта, која инаку е под меѓународни санкции.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја повика Кина да помогне во решавањето на проблемот.
„Го повикувам Пекинг да стапи во контакт со Иран, бидејќи тие многу се потпираат на Ормускиот теснец кога станува збор за испораките на нафта. Ако го сторат тоа, тоа ќе биде уште една страшна грешка. Тоа би било економско самоубиство за нив“, рече тој.
Веќе има информации дека некои танкери го промениле курсот по американските напади.
Што вели Иран за Ормутскиот теснец?
Иранската Прес ТВ изминатиот викенд објави дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормутскиот теснец, но конечната одлука ќе ја донесат највисоките функционери.
Во неделата, министерот за надворешни работи на Иран, Сејед Абас Аракчи, навести одмазда, велејќи дека одлуката на Трамп да го бомбардира Иран „ќе има вечни последици“.
Во своето прво обраќање откако САД влегоа во израелската војна против неговата земја, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи рече дека Израел направил „сериозна грешка и мора да биде казнет“, но не го спомна конкретно Ормускиот теснец.