Зошто Илон Маск повика на бојкот на Нетфликс?

FMT

Илон Маск, 54-годишниот технолошки магнат и најбогат човек во светот, покрена кампања против стриминг платформата Нетфликс.

На социјалната мрежа X, каде што има 226 милиони следбеници, Маск ги повика корисниците да ги откажат своите претплати, наведувајќи како причина „здравјето на вашите деца“.

Повикот доаѓа откако десничарски профили, како Libs of TikTok, почнаа да споделуваат стари исечоци и објави поврзани со анимираната серија Dead End: Paranormal Park и нејзиниот автор Хамиш Стил. Во дел од сцените главниот лик се изјаснува како трансродна личност, што критичарите го опишаа како „наметнување на идеологија врз децата“.

Иако серијата е укината уште во 2023 година и Нетфликс повеќе не ја промовира, Маск обвини дека платформата ја турка „woke агендата“.

Авторот на серијата, Хамиш Стил, изјави на Bluesky дека почнал да прима вознемирувачки пораки, меѓу кои и хомофобни и антисемитски навреди.

Маск, кој има затегнати односи со својата трансродна ќерка Вивиан Џена Вилсон, сподели и други објави во кои Нетфликс е обвинет за промовирање на содржини со ЛГБТК+ теми, вклучувајќи ја и детската серија CoComelon Lane.

„Откажете го Нетфликс за здравјето на своите деца“, порача Маск во неколку свои објави.

Зачлени се на нашиот е-билтен