Зошто мамурлакот со годините станува потежок?

Колку и да се убедуваме дека „можеме како порано“, телото со годините сè помалку се согласува со таа идеја. Главоболка, вртоглавица, сува уста и чувство на исцрпеност — многумина забележуваат дека мамурлакот денес е многу посилен отколку во дваесеттите. Но, дали навистина станува потежок со годините?

Според експертите, одговорот е да — и има научно објаснување. Професорот Адам Тејлор од Lancaster Medical School објаснува дека со стареењето црниот дроб произведува помалку ензими кои го разградуваат алкохолот. Тоа значи дека токсичните соединенија, како ацеталдехидот, остануваат подолго во организмот и предизвикуваат поизразени симптоми на мамурлак.

Освен тоа, содржината на вода во телото опаѓа со возраста — околу 5% помалку по 55-тата година, делумно поради губење на мускулна маса. Кога има помалку вода, алкохолот се разредува во помал волумен и создава поголема концентрација во крвта – со посилни последици следното утро.

И функцијата на бубрезите постепено опаѓа, па отпадните материи и продуктите од метаболизмот побавно се исфрлаат. Резултатот: телото се бори подолго со последиците од пијанството.

Но не се сите истражувања едногласни. Некои покажуваат дека возрасните луѓе всушност имаат послаб мамурлак при иста количина попиен алкохол – можеби затоа што пијат помалку или побавно. Сепак, ако чувствувате дека „више не иде како порано“, не се работи само за една чаша повеќе, туку за реални биолошки промени во организмот.

Како да го ублажите или избегнете мамурлакот:

  • Наизменично пијте вода и алкохол – чаша по чаша.
  • Јадете пред и за време на пијанката – храната ја забавува апсорпцијата на алкохолот.
  • Избегнувајте тамни пијалаци (виски, црвено вино) кои содржат повеќе конгенери — супстанции што го засилуваат мамурлакот.
  • И не заборавајте: времето е единствениот сигурен лек.

Мамурлакот, колку и да изгледа како ситна непријатност, е потсетник дека телото се менува со годините и дека односот кон алкохолот треба да се преиспита — не само заради утрешниот ден, туку и заради долгорочното здравје на црниот дроб, бубрезите и метаболизмот.

Ако вечерва ја кренете чашата, кренете и една со вода. Вашето утре ќе ви биде благодарно.

Зачлени се на нашиот е-билтен