Дали Христијан Мицкоски и Александар Николоски, во 2022 година, во екот на кампањата против „Францускиот предлог“, заминаа на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан за да го убедат да стави вето на предлогот во ЕУ? Ако е тоа така, зошто Орбан одбил да го стопира „Францускиот предлог“ ако тоа го побарале него Мицкоски и Николоски во Будимпешта?
Ова прашање се наметнува откако поранешниот бугарски претседател Румен Радев во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) со новинарот Бојко Василев открива дека, како што вели тој, македонската страна се обидувала да изврши влијание врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел тој да стави вето на т.н. “Француски предлог“, но обидот не вродил со плод.
Во интервјуто, на 25:30 минута, според Радев, и покрај тоа, Унгарија не презела чекор што би го блокирал францускиот предлог во рамки на Европската унија. Ова признание доаѓа во момент кога Радев за првпат јавно се појавува по оставката од претседателската функција и најавата дека активно ќе влезе во бугарската политика, овојпат како партиски и политички актер.
Да потсетиме, на 25 јули, 2022 година, ВМРО-ДПМНЕ соопшти, како што пренесе тогаш МИА, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, биле во посета на Будимпешта и оствариле средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕС, Виктор Орбан.
На средбата, како што соопштија од партијата, се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија. Мицкоски притоа го истакнал ставот, како што нагласил, на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но, оти таа треба да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.
Поранешниот бугарски претседател не е прецизен кој од македонска страна барал од Орбан да се заложи да се стопира „францускиот предлог“ во ЕУ, па затоа Рацин.мк праша високи функционери во претходната Влада на Северна Македонија, дали од нивна страна имало такво барање до Орбан. Ни одговорија категорично – Не!
Оттаму, единствено логично останува дека зад „македонската страна“ на Радев во интервјуто за БНТ, се препознава ВМРО-ДПМНЕ. На тоа коинцидира и средбата во Будимпешта на 25 јули, која како што рековме, е во екот на уличната кампања на против „францсукиот предлог“.
Се разбира, логично е дека оваа „услуга“ од Орбан е во рамките политичките усилби на ВМРО-ДПМНЕ против предлогот на Макрон и тука нема ништо чудно. Но, чудно е што Мицкоски и Николоски биле одбиени.
Тоа отвора уште едно прашање: Ако имаа(т) блиски односи Мицкоски и Орбан и ако има политички и идеолошки врски меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ФИДЕС, партијата на Орбан, зошто обидот за влијание пропаднал?
Можеби одговорот е некаде меѓу редовите од интервјуто на Румен Радев, каде што тој вели дека во играта на големите политики, сепак пресуден е интересот во триаголникот Софија-Будимпешта-Брисел.