Зошто овогодинешните монсунски дождови во Индија беа толку смртоносни?

Половина Индија се соочува со катастрофални поплави поради незапаметени врнежи, а федералната држава Пенџаб минува низ најтешките поплави од 1988 година, пренесува BBC.

Според податоците на Индискиот метеоролошки оддел, некои региони во Пенџаб, Харјана и Раџастан за само 24 часа добиле врнежи и до 1000% над нормалата. Во периодот од 28 август до 3 септември, северозападот на Индија имал 180% повеќе дожд од просекот, а југот 73%.

Климатската криза го менува монсунот

Научниците предупредуваат дека климатските промени радикално го менуваат однесувањето на монсунот. Наместо рамномерни врнежи во текот на четири месеци, сега се појавуваат долги сушни периоди, проследени со екстремни поројни дождови во краток временски интервал – феномен познат како „навала на облаци“.

„Замислете го монсунот како наполнет воден пиштол, а западните сметежи како чкрапец. Оваа година тој чкрапец беше повлечен со цела сила“, објаснува Акшај Деорас од Универзитетот во Рединг.

Планините стануваат нестабилни

Покрај дождовите, топењето на глечерите и пермафростот ја прави Хималајската зона сè поранлива. Снегот и мразот, кои служеле како „цемент“ за планинските падини, се топат, па дождовите предизвикуваат лизгање на земјиштето и поплави.

„Гледаме како цели снежни полиња исчезнуваат за два дена кога ќе падне дожд, претворајќи се во разорни поплави“, предупредува Јакоб Штајнер, геонаучник од Универзитетот во Грац.

Човечкиот фактор

Катастрофите дополнително се влошуваат поради неконтролирана урбанизација, изградба на автопати, тунели и хидроцентрали, кои ја ослабуваат природната стабилност на планините. Пластичниот отпад ги затнува реките, а системите за одбрана од поплави остануваат нефункционални и покрај предупредувањата.

Научниците се едногласни: ако овие проблеми не се решат итно, Индија ќе се соочува со сè поразорни поплави секоја година.

Зачлени се на нашиот е-билтен