Зошто политичарите сакаат да играат фудбал во своите кабинети?

Фудбалската топка често знае да се стркала низ кабинетите на политичарите. Бидете сигурни дека тоа не е спонтан момент, туку внимателно режиран кадар за ПР: неколку секунди за TikTok и Instagram што треба да го претворат најформалниот простор на власта во „игралиште“ за симпатии и лајкови. Политичарите сакаат да покажат дека се „нормални“, „народски“ и тимски играчи, но со тоа често ризикуваат да изгледаат како “банда” што си игра таму каде што треба да работи.

Бербатов влегува во кабинетот: фудбалер станува советник на премиер

Во Бугарија, спојот меѓу фудбалот и политиката добива нова форма низ примерот со Димитар Бербатов, најпознатото бугарско фудбалско име после Христо Стоичков, во последните децении. Бербатов официјално стана советник за млади и спорт на техничкиот премиер Андреј Ѓуров. Владата објави фотографии и видео од приемот во кабинетот, каде Бербатов, сега веќе како дел од тимот на премиерот, треба да помогне во креирање политики за спорт, активен живот и млади.
За бугарската јавност, прашањето е едноставно: дали Бербатов во кабинетот ќе донесе дух на фер-плеј, или самиот кабинет ќе го претвори фудбалот во уште една политичка игра во која голот не е подобар спорт, туку подобар рејтинг?

„Дрим тим“ во Владата: денот кога кабинетот на ДУИ стана игрална

Македонската верзија на фудбал во кабинет ја видовме кога тазе вратениот поранешен вицепремиер Артан Груби објави фотографии и видео од министри на ДУИ како играат фудбал и кошарка во неговиот владин кабинет. Во описот стоеше дека тоа е „анти-стрес“ забава по „долг и предизвикувачки ден“ и „голем ден“ за нивните политички успеси. Тоа требаше да биде наводна сценографија на „државен дрим тим“ што знае да работи, но и да се опушти.


Но токму затоа што сцената се случува во кабинет, а не во сала, медиумите и јавноста ја прочитаа како демонстрација на комоција до ниво на аздисаност и недопирливост. Во земја со сиромаштија, иселување и корупциски скандали, топка што летка меѓу фотелји и знамиња изгледа како визуелна порака: „ние сме толку сигурни во сопствената позиција што можеме и да си играме на работно место“. Наместо хуманизација, фудбалот во кабинет стана доказ за дистанца – тие се внатре, си играат, ние сме надвор, чекаме.

Доналд Туск: спортски пи-ар во време на обвиненија

Полскиот премиер Доналд Туск го користи спортот во кабинет како дел од сопствениот медиумски идентитет. Во февруари 2025, додека обвинителството отвори истрага против него и дел од владата за наводен „обид за државен удар“ и „организирана група“, Туск објави видео како игра пинг-понг, додека глас зад камера му ги набројува обвинувањата. Со насмевка одговара дека има „посериозни работи“, гест кој неговите поддржувачи го доживуваат како иронија кон политичките опоненти, а критичарите како презир кон институциите.

На тоа се надоврзуваат и кратките видеа во кои жонглира со фудбалска топка и прави трикови, јасно насочени кон публика на Instagram и TikTok. Пораката е: премиерот не е само човек со досадни прес-конференции, туку и „тип што знае да удри по топка“. Но кога вакви кадри се појавуваат паралелно со истраги, протести и длабоки поделби, неизбежно отвораат прашање дали спортската опуштеност е знак на самодоверба, или обид да се разводни тежината на обвиненијата со лесно споделиви клипови?

Овалната соба и германскиот канцелар: од виртуелни до реални топки

Во американскиот контекст, Доналд Трамп ја префрли играта во целосно дигитална димензија: во 2025 објави AI-клип во кој тој и Кристијано Роналдо играат фудбал во Овалната соба, со нереални дриблинзи и спектакл, претворајќи го кабинетот во виртуелен стадион. Видеото стана вирално и совршено се вклопи во неговиот бренд – политика како шоу, кабинет како позадина за мемиња, но ја поткопа и идејата дека постои било каква формална граница меѓу државата и забавата.

Во Европа, германскиот канцелар Олаф Шолц отиде во друга насока: во 2024, во канцеларијата во Берлин прими фристајл-фудбалер заедно со оригиналниот пехар од Европското првенство и, како што пишува самиот фристајлер „игравме топка во канцеларијата, беше посебно искуство да ја размрдаме Канцеларијата малку“. Овој кадар е помалку агресивен од Трамповиот AI-спектакл, но ја носи истата порака: и најформалниот кабинет може да стане поле за трикови, шутеви и содржина за социјални мрежи, со канцеларот како домаќин, а не само како потписник на документи.

Зошто фудбал во кабинет и по која цена?

Фудбалот им нуди на политичарите совршен ПР-пакет: еден реквизит што генерациски и класно ги надминува бариерите и за миг ги претвора во „нормални“ луѓе. Кабинетот, пак, е најсилниот симбол дека тие „не се како сите“.

Проблемот е што истата слика праќа и друга, потемна порака. Во земји со длабока недоверба и криза, гледката на политичари што шутираат топка во кабинет лесно се чита како потсмев кон секој што чека на шалтер, брои сметки или бега од својата земја.

Кога кабинети ќе станат игрални, јавноста има право да праша: ако толку лесно се игра со топката во просторијата на моќта, колку лесно се игра и со нашите животи?

Зачлени се на нашиот е-билтен