Зошто сме некои денови попродуктивни се обиде да објасни нова студија на тим од Универзитетот во Торонто – Скарборо, која следела 184 студенти 12 недели во Канада и секојдневно ја мерела „менталната острината“ преку когнитивни задачи, па ја споредувала со тоа дали учесниците ги оствариле целите што си ги поставиле.
Истражувачите проценуваат дека кога менталните способности се на врв, човек во просечен ден може да „втисне“ учинок еквивалентен на околу дополнителни 40 минути работа. Истата разлика, но во спротивна насока, може да ја донесе и „лош“ ден, што значи дека меѓу вашиот најдобар и најлош работен ден може да има јаз и до 80 минути во вкупната извршена работа.
Клучното, според авторите, не е споредбата меѓу луѓе, туку дневните осцилации кај секој поединец. Токму тие варијации во менталната острина се покажале како нешто што ги погодува повеќето, без разлика на тип на личност или распоред. Психологот од Универзитетот во Торонто – Скарборо, Кендри Хачерсон, го опишува чувството што многумина го препознаваат: денови кога „сè тече“ и денови кога имате впечаток дека се пробивате низ магла.
Повисоката ментална острина не само што ја зголемувала веројатноста луѓето да ги исполнат целите, туку ги терала и да си поставуваат поамбициозни задачи. На денови на ментална тромост, пак, и рутинските обврски можеле да изгледаат тешки. Иако карактеристики како самоконтрола и совесност влијаеле врз просечниот учинок, тие не биле „штит“ од дневните падови и подеми.
Во студијата се допира и т.н. јаз меѓу намера и однесување – просторот меѓу тоа што сакаме да го направиме и тоа што навистина го правиме. Истражувачите нагласуваат дека резултатите не докажуваат директна причинско-последична врска, туку укажуваат дека менталната острина е еден од факторите, додека улога можат да имаат и други елементи, како здравствени состојби и стрес.
Тимот разгледувал и што ја менува менталната „вклученост“ од ден на ден: квалитетот на сонот претходната ноќ, нивото на дистракции и чувството на мотивација. Како практични насоки, се издвојуваат три точки: доволно спиење, избегнување прегорување на подолг рок и наоѓање начини да се намалат депресивните обрасци што знаат да ја поткопаат концентрацијата.