Зошто трагедијата во Кочани не стана симбол на промена како онаа во Србија?

Додека во Србија болката се претвори во движење што бара одговорност, кај нас тагата се изгуби меѓу молкот, апатијата и краткотрајните статуси на социјалните мрежи.

Светските медиуми – Le Monde, El País, Der Spiegel, ZDF и други – детално известуваат за комеморацијата во Нови Сад, каде десетици илјади луѓе се собраа во тишина за да им оддадат почит на 16-те жртви од падот на железничката надстрешница, јавноста во Србија испраќа јасна порака: ова не беше само несреќа, туку симбол на корупцијата што ја проголта државата.

За само една година, трагедијата се претвори во граѓанско движење – студенти маршираат низ целата земја, бараат одговорност, демократија и реформи. Светските редакции го нарекуваат тоа „најмасовниот и најдостоинствен протест во поновата историја на Србија“.

И додека европските медиуми ја препознаваат симболиката на паднатиот кров во Нови Сад како метафора за падот на довербата во институциите, во Северна Македонија – тишина.

Пред помалку од една година, во Кочани, во дискотеката Пулс, во пожар загинаа три пати повеќе луѓе – најмногу млади, деца. Иако причините уште се истражуваат, јавноста одамна ги препозна истите зборови што ги повторуваат и српските студенти: немарност, непочитување на стандардите, корупција.

Но, за разлика од Србија, овде немаше многу масовни маршеви, немаше јавен притисок, немаше упорни протести пред институциите. Не затоа што болката беше помала – туку затоа што тишината повторно ја победи одговорноста.

Денес, кога светот гледа кон Нови Сад и зборува за „симболот на корупцијата“, можеби е време и ние да се запрашаме:
Зошто трагедијата во Кочани не стана симбол на промена?
Зошто дозволивме да згаснат животите на младите без да бараме одговори?

Во Нови Сад, 16 минути тишина станаа глас на илјадници.
Во Кочани, тишината остана само тишина.

А можеби токму затоа, светот не слушна за нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен