Белградската филхармонија заедно со маестро Зубин Мехта денеска настапува во Мумбај, Индија, со специјална концертна програма што има и силна образовна димензија. Во Националниот центар за сценски уметности ќе бидат изведени „Романските танци“ од Бела Барток, заедно со ученици од училиштето „Фондација Мели Мехта“.
Овој концерт е дел од серијата настани организирани по повод 90-тиот роденден на Зубин Мехта и претставува продолжение на претходно најавените свечени концерти. Програмата има за цел да ја доближи класичната музика до младите генерации и да поттикне музичко образование во Индија.
И покрај својата возраст, маестро Мехта активно учествува во пробите на оркестарот, а го следи и дополнителниот едукативен процес што со младите музичари го води концерт-мајсторот на Белградската филхармонија, Миша Андрушченко.
Фондацијата „Мели Мехта“, именувана по таткото на маестрото, самоук музичар, е основана со мисија класичната музика да стане подостапна за младите во Индија, каде овој жанр традиционално има помалку присуство.
„Индија има голема среќа што има светско име како Зубин Мехта. Многу е важно младите музичари да добијат можност да работат со врвни и искусни уметници, бидејќи токму ваквите средби можат да бидат силна инспирација за нивниот понатамошен развој“, изјави Андрушченко.
Во вечерниот концерт, публиката ќе има можност да го слушне и светски познатиот виолинист Пинкас Цукерман како солист во Концертот за виолина во А-дур од Моцарт, а програмата ќе кулминира со изведба на Бетовеновата Симфонија бр. 3 „Ероика“, под диригентската палка на Зубин Мехта.