Звездан Георгиевски: Пенов го ослободи Скопје од трафиките, Данела од здравиот разум, Орце – наводно – од ѓубрето

Секој 13 ноември, кога го славиме Денот на ослободувањето на Скопје, покрај гордоста и сеќавањето на историскиот подвиг, неизбежно се појавува едно прашање: Дали Скопје денес навистина е слободен град?

Осумдесет и една година подоцна, метрополата на Вардар е град на контрасти – на борби и поделби, на љубов и инат, на рушење и градење. Град кој секојдневно ја води својата мала или голема битка за слобода: од корупцијата, загадувањето, урбанистичкиот хаос, па сè до менталната апатија што ја гуши јавноста.

По тој повод го прашавме новинарот Звездан Георгиевски да сподели свои размислувања за тоа што значи да се биде „слободен“ во Скопје денес, кој е вистинскиот окупатор на градот и дали духот на градот сè уште дише.

Звездан Георгиевски: „Секогаш нешто е заробено, и секогаш некој го ослободува“

„Секој град е онолку слободен или неслободен колку што се слободни неговите жители,“ вели новинарот Звездан Георгиевски. „Слободата не е апсолутна категорија – она што за некого е ослободување, за друг може да биде ропство.“

Со иронија и прецизност, Георгиевски додава дека Скопје низ децениите постојано се „ослободува“ од нешто:

„Ристо Пенов го ослободи градот од трафиките, Коце Трајановски – од зелените површини, Данела Арсовска – од здравиот разум, а Орце Ѓорѓиевски – наводно – од ѓубрето.“

Тој истакнува дека Скопје никогаш нема да биде вистински слободен град, затоа што секогаш ќе постои некој нов „окупатор“ и некој „месија“ што ќе ветува спас.

„Бројни се скопските окупатори,“ вели Георгиевски.
Малограѓанштината, урбанистичката мафија, незнаењето, партијноста, бирократијата и корупцијата се вистинските непријатели на слободата. Ги гледаме на секој чекор – во хаосот на сообраќајот, во исчезнувањето на зеленилото, во купиштата ѓубре и смрадот на неодговорноста. Исто како градот, и луѓето стануваат хаотични, апатични, без визија и без желба за промена.“

„Во секое време мислиме дека порано било подобро“

Георгиевски споделува и анегдота што ја опишува иронијата на носталгијата:

„Во некој калифат, апсолутистички калиф наредил луѓето да влегуваат дома низ прозорци. Кога умрел, синот му наредил да влегуваат низ оџаци. И сите велеле: ‘ех, колку беше убаво времето кога влегувавме низ прозорци’. Така е и со нас – секое минато време ни изгледа подобро, само затоа што не го живееме повеќе.“

„Единствената константа на Скопје е промената“

На крајот, Георгиевски додава мисла што совршено го опишува вечното менување и повторување на градот:

„Единствената скопска константа е промената. Од паланка станавме град, за повторно да се вратиме во паланка. Но верувам дека пак ќе се смениме. Можеби нема да бидам жив сведок, ама знам дека ќе се случи.“

Зачлени се на нашиот е-билтен