Течат консулаталции меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, за имињата на нови амбасадори и генерални конзул, рече Муцунски, кој додаде дека очекува наскоро да почне процесот на именување на нови амбасадори.
„За инфорамцијата што ја видов денеска во медиумите, а произлезе од тоа што се објави во ‘Службен весник’, седум амбасадори се отповикани, а на кои им завршува мандатот. Оваа процедура е редовна при завршување на мандат на амбасадори, согласно Законот за надворешни работи. Така да, ова не е вонредно враќање, консултации или било што, туку завршување на редовен мандат на амбасадори“,рече денеска министерот Муцунски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата со актуелниот претставник на ОБСЕ Јан Борг.
Од објавените укази, се повлекуваат амбасадорите во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.
Указите стапуваат во сила со нивното објавување во „Службен весник“, а ќе ги изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.