Очекуваме Владата и Собранието на Северна Македонија што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, со цел државата да не губи историско време за членство во Европската Унија. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев откако денеска оствари едночасовна средба со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку, пренесува Бугарската национална телевизија БНТ.
Според него, комуникацијата со Силјановска-Давкова е отворена, конструктивна и прагматична, нешто за што посочи дека треба да го следи и македонската влада.
Смета дека двете претседателски институции покажуваат дека дијалогот е можен и оти може да придонесе за развој на добрососедството меѓу двете земји.
„Не е проблемот само во навременото впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Доколку државното раководство на РСМ навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ги исполни Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство“,рече тој.
Посочи дека со претседателката Сиљановска-Давкова разговарале и за говорот на омраза во државните медиуми и како тој да се спречи, но и за содржината во учебниците.
На средбата Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ја подвлекла важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа. Посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и оти решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.
Според пишувањата на БНТ, Сиљановска-Давкова рекла дека претседателот Радев е најстабилниот елемент во државата.