Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Збирката раскази АМФОРА од италијанскиот нобеловец Луиџи Пирандело на македонски

Во издание на Или-Или објавена е збирката раскази АМФОРА од прославениот италијански Нобеловец Луиџи Пирандело. АМФОРА е 229. книга во едицијата ПРОаЗА а преводот од италијански е на Катерина Сотирова.

Збирката раскази АМФОРА од Луиџи Пирандело е единаесеттата збирка од планираните 24 книги што авторот заедно со издавачот Бемпорад  планирале да ги објават како специфичен издавачки план под името „Раскази за една година“. До смртта на авторот објавени се 264 од предвидените 365 раскази (по еден расказ за секој ден од годината).

Како и во другите збирки раскази, и овде поетиката на Пирандело е насочена кон темата на автентичноста и вистината кои постојат само во повеќеобразниот хаос  на животниот тек. Честопати Сицилија е прикажана низ една архаична и фолклорна димензија како земја на митовите и суеверието. Јадрото на расказите на Пирандело го сочинува драматичноста на секојдневието и на приватниот простор којшто од ден во ден го испревртува постоењето на ликовите во нивниот микрокосмос.

Луиџи Пирандело (1867–1936) е роден во околината на градот Џирџенти на Сицилија. Студира филологија во Рим и во Бон. По завршувањето на студиите се враќа во Италија и решава да се занимава со книжевност. Од 1897 г. до 1922 г. е професор по естетика и стилистика на Real Istituto di Magisterie Femminile во Рим. Автор е на романи, драми, поезија, а напишал голем број раскази коишто се собрани во збирката наречена Раскази за една година (15 тома пишувани од 1922 г. до 1937 г.). Збирката раскази Амфора е објавена како единаесетта збирка од овој писателски и издавачки потфат. Во 1934 г. ја добива Нобеловата награда за литература. Умира во Рим.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и Министерството за надворешни работи на Италија.

Зачлени се на нашиот е-билтен