Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Поповски: Евтин кредит? Не постои такво нешто

Во своето гостување во емисијата „Трилинг“, поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, упати сериозни критики за економската политика на актуелната влада, предупредувајќи дека неодржливото задолжување ја турка Македонија во финансиска криза.

„Имам впечаток дека владата во целина не е доволно упатена што прави. Граѓаните нема да ја платат цената, граѓаните си плаќаат даноци. Ние ќе си ги платиме каматите,“ истакна Поповски, додавајќи дека новиот кредит од една милијарда евра ќе значи плаќање камати од 32 милиони евра годишно во следните 15 години.

Поповски ја проблематизираше и употребата на средствата: „Од тие една милијарда, 250 милиони одат во општините за проекти како тротоари, мега парк и поправка на кровови. Тоа ли е стратешки развој?“

Осврнувајќи се на јавниот долг, Поповски предупреди: „Сега е 63,2% од БДП, но до крајот на годинава ќе стигнеме до 65-66%. До 2026 ќе ги надминеме 70%, што за Македонија е неодржливо. Поради овие ад-хок задолжувања, државата ја туркаат во опасна финансиска зона.“

Тој ги критикуваше и експертите кои се игнорирани во јавноста: „Јас гледам во јавноста, експерти, мои колеги професори и други, предупредуваат на опасностите од ваквите задолжувања, но тие се потиснати. Се третираат како да се против Македонија.“

Во делот за европската перспектива, Поповски упати критики кон премиерот Мицкоски, посочувајќи дека тој често ги менува своите ставови. „Не знам што премиерот мисли и на што ќе опстои, затоа што колку што сме сведоци, многу често ги менува ставовите од периодот додека беа во опозиција. Сега полесно прифаќа,“ рече тој.

Најмногу го загрижи изјавата дека Унгарија е стратешки партнер на Македонија: „Кога дојде унгарскиот премиер, нашиот премиер рече дека Унгарија е наш стратешки партнер. Што значи тоа? Веќе Америка не ни е стратешки партнер? ЕУ не ни е партнер?“

Поповски ја заврши својата анализа со апел за поголема одговорност: „Не се во прашање каматите, во прашање е милијардата што се повлекува. Од каде ќе ја вратиме? Треба јасен концепт за финансии, а не импровизации.“

Зачлени се на нашиот е-билтен