Министерот за транспорт Александар Николоски признава дека јавниот превоз во Скопје е соочен со сериозни предизвици, а за решение вели дека ќе мора да се чека до локалните избори.
Николоски со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како во предизборна кампања, изјавија дека граѓаните ќе мора да почекаат до локалните избори за да видат потенцијални подобрувања во градскиот превоз во Скопје.
„За жал, проблемот со јавниот превоз во Скопје е резултат на несериозноста на градските власти да преземат конкретни мерки. Наместо решение, постојано се бараат изговори и се обвинуваат други. Согласно постоечките законски нормативи, ќе мора да почекаме до локалните избори. Верувам дека потоа состојбата ќе се среди за кратко време,“ изјави Ѓорѓиевски.
Токму Николоски, кој сега бара избори и можност за отповикување на градоначалници беше еден од главните промотори на актуелната градоначалничка Данела Арсовска на претходните локални избори. Николоски беше и човекот кој, заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја пречкаа Арсовска пред партиското седиште, каде што со „Бела чао“ ја славеа нејзината победа на изборите.
Николоски сега проблемите со јавниот превоз ги посочува на системскиот проблем со одговрноста на градоначалниците и неможноста за нивно отповикување.
„Мој личен став е дека е недозволиво градоначалниците да бидат единствената функција во државата која не може да биде отповикана. Оваа ситуација е резултат на такви законски измени,“ рече Николоски, заборавајќи дека пред да биде отповикан градоначалник прво треба да биде избран, а Арсовска беше избрана благодарение на неговата и поддршката од неговата партија.
Скопјани веќе долго време мака мачат со јавниот превоз во градот, соочувајќи се со нерегуларни линии, доцнења и чести расипани автобуси, што најмногу се должи на лошото менаџирање на градоначалничката Арсовска и „раскинувањето“ со ВМРО-ДПМНЕ, поради што советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаат програмата која ја промовираа во предизборието.