Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема конечен договор со банките за висината на каматите за Унгарскиот кредит

Премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на банките во врска со Унгарскиот кредит рече дека банкарите изразиле желба да учествуваат во целиот процес, но дека нема конечен договор во врска со каматите.

„Како Македонска банкарска асоцијација, сите изразија подготвеност да бидат дел од овој процес. Заедно заземавме став во зависност од барањето на клиентите, да ја користиме формулацијата „до три години грејс период и до 15 години рок на отплата“, бидејќи членките кажаа дека има поединци кои сакаат и пократок рок. Тоа го усогласивме и го прифативме. Во делот на каматата, ќе се преговара уште оваа недела и ќе видиме. Очекувам кон крајот на следната недела, односно во втората половина, да имаме некаков став кој ќе биде поврзан со тоа прашање. На тој начин би го заокружиле сето ова и конечно би почнале да аплицираме, да пренесеме на стопанстнвото“, рече Мицкоскки.

На новинарско прашање „Што ќе се преговара за камата“, Мицкоски одговори дека ќе се задржи на формулацијата „во моментот ставовите се доближуваат“.

„Не би сакал сега да зборувам за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја. Од двете страни има изразено волја да бидат ставовите доближени и услогласени. Суштината е, да не бидеме погрешно разбрани во јавноста. ‘Тие 3,25% ние како Влада секако дека ќе ги платиме’. Можеби за некоја година ќе издадеме и евро обврзница со која предвреме ќе го вратиме овој кредит, бидејќи знаеме дека таму немаме каматна стапка, можеби ќе најдеме други механизми… Целта е, каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Реално, банките имаат трошоци но, да видиме што може од нивните трошоци да се намали, зависи и од политиките на Централната банка. Затоа, сеуште да не зборуваме сеуште проценти, да ги доближиме ставовите и тогаш ќе излеземе со официјална позиција“, рече Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, неодамна рече дека каматите за Унгарскиот кредит ќе ги платат граѓаните.

„Годишно каматите за тој кредит ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Тоа значи дека ние веќе плаќаме камати за кредит којшто е целосно повлечен иако можело да се повлекува на пример по делови, а едноставно не може да се искорист. Очигледно не станува збор за така поволен кредит како што Владата сакаше да го рекламира на почетокот. Моите информации се дека има компании коишто се добро рангирани кои од нашите банки земаат кредит со каматна стапка под 3%. Тоа значи дека има многу поповолни кредитни линии за компаниите. Зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании. Каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредити за развој на некои комерцијални компании? Зошто не беше премиерот и Владата фер да кажат дека каматата нема да биде само 3,25%, туку дека ќе биде многу повеќе, а сега во овој временски период и значајно повеќе од тоа што реално може да се најдат пари на пазарот и преку комерцијалните банки“, рече Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен