Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе оствари работна посета на Европскиот парламент во Брисел, при што ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Во рамки на посетата, како што соопшти собраниската прес-служба, предвидени се средби и со Томас Вајц, известител за РС Македонија во ЕП и со Тијс Рутен, известител во сенка од политичката група на социјалдемократите.
Според агендата, утре, на иницијатива на Одделот за јавна дипломатија во НАТО ќе биде организирана работна посета во седиштето на НАТО на претседателот на Собранието Гаши и делегација од пратениците, во чиј состав се координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски, заменик-координаторката на ВРЕДИ Мерита Колчи-Коџаџику, заменик-координаторката на ДУИ Арбана Пашоли, претставникот од ЗНАМ Павле Арсоски и шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО Драган Ковачки.
Работните посети на Гаши на овие две важни меѓународни институции, како што е наведено во соопштението, се со цел високите официјални претставници на ЕП и НАТО да бидат изворно информирани за актуелните политички и општествени случувања во земјава, во контекст на европската интеграција на земјава и обврските што ни произлегуваат од членството во НАТО.