Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска ја обвини Даути дека неколку пати злоупотребувајќи ја својата позиција влегува и во расправа за суштината на законот и со тоа повторно прави прекршување и на Деловникот и на Уставот ставајќи ги сите пратеници на Комисијата во нерамноправна положба.
Во Собранието повторно не се одржа седницата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади откако претседателката Илире Даути, повикувајќи се на член од Деловникот, одби да го стави на гласање предлогот на Јованка Тренчевска од СДСМ како прва точка на дневен ред да бидат измените на законот за бранители.
Даути, која е пратеничка од АА дел од Европскиот фронт, повикувајќи се на член 176 од Деловникот на Собранието повтори дека времето за ставање на дневен ред на Комисијата на овој закон, кој ја мина потребата за донесување на пленарна седница, е поминато.
Пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ истакна дека овој закон не е ништо од она што тие се обидуваат да го претстават за кревање на тензии.
– Ова не е нов закон. Само доуредува право кое Собранието на оваа држава во еден друг собраниски состав во 2002 година го донела овој закон. За какви се тоа нови прашања вие обвинувате дека ние отвораме и сакаме да создаваме некоја тензија. Замолувам пред да се даваат изјави за тензии и незадоволства, внимателно да се прочитаат правните акти кои се во сила. Овие права кои само се доуредуваат со предлог законот се веќе во сила, но не се доуредени за еден дел од семејствата на припадниците на безбедносните сили. Следствено на тоа и во самиот закон кој е веќе во сила таа категорија на граѓани за кои вие се залагате да се решат во овој закон, во суштина се означени како посебна категорија односно како некои кои се бореле против државата, рече Петровска.