ВМРО-ДПМНЕ, односно Владата што ја предводи оваа партија, за 75% го намали буџетот за реконструкција на старото училиште во Љубојно (Преспа) и за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Ова е видливо од ставката на буџетот Финансирање на дејностите од областа на културата, во делот Заштита на културното наследство, каде што за Адаптација на старото училиште во с. Љубојно во центар за промоција на македонскиот јазик, за разлика од лани кога биле предвидени 20.000.000 денари, за оваа година се буџетирани само 5.000.000 денари.
Тоа е 75% помалку средства од планираните 12,8 милиони денари, согласно буџетот за реконструкција на старото училиште ,,Димитар Влахов“ во Љубојно и за негова комплетна адаптација во „Центар за промоција на македонскиот јазик“, што беше предвидено со буџетот на Министерството за култура за оваа намена со планирани средства во 2024 и во 2025 година во висина од 32,8 милиони денари.
Работата на обновата на старото училиште во Љубојно коешто треба да прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик, започна во март оваа година и со предвидените средтва и динамика треба(ше) да биде завршено до крајот на идната, 2025 година.
Одлуката старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно да се адаптира во центар за промоција на македонскиот јазик беше донесена претходната, 2023 година, тргнувајќи од историска вредност на објектот бидејќи на 15 ноември 1944 година првпат во Преспа, Љубојно е почната настава на македонски јазик.
Според проектот, чија реконструкција е во надлежност на Завод и музеј – Битола, предвидена е остварување на визијата за модерен центар за промоција на Љубојно, на Преспа, на македонскиот јазик, култура и на нашиот идентитет.
Проектот започна со прогласување на селото Љубојно за заштитена споменична целина, по што беа изработувани сите потребни стручни елаборати и проекти.
Идејата за основање Центар за македонски јазик се совпадна и со поттикот за регионална соработка кој дојде со потпишувањето на Преспанскиот договот со цел да се зајакнат билатералните и трилатералните односи со соседните држави, Албанија и Грција, со центарот би претставувал место што ќе ги обединува трите држави.