Вредноста на минималната синдикална кошничка за месец ноември изнесува 62.021 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Во однос на вредноста на синдикалната кошничка за месец октомври е забележан пораст од 772 денари. Од ССМ посочуваат дека вредноста на минималната кошничка за месец ноември, во однос на јануари, која изнесуваше 57.163 денари, е зголемена за 4.858 денари, односно за 8,5%.
Како што се наведува во соопштението на ССМ, трговците немаат почит кон граѓаните со оглед на тоа што ден, по завршувањето на есенската кошничка, синдикалната кошничка се зголемила за 609 денари. Од таму најавуваат дека се во комуникација со Министерството за економија за креирање на нови мерки, но сепак се зависи од самите трговци дали се подготвени да покажат општествена одговорност. Владата треба да биде поригорозна со неправедните трговски практики и да изрекува казни.