По неколку дневно препукување меѓу Град Скопје и Владата, денеска конечно падна договор автобусите на ЈСП да добијат нафта од стоковите резерви, за една недела возење низ главиот град.
Хепи ендот се случи откако Владата на вонредна седница, донесе одлука со која ќе се овоможи на градот Скопје да му се позајмат дел од нафтените резерви на државата.
„Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем. Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија“, информираат од Владата.
Колапсот на скопските сообраќајници трае веќе два дена бидејќи, откако секна нафтата, ЈСП ги услужува граѓаните со едвај 30 автобуси.
Бирото за јавни набавки ја секна нафтата, бидејќи како што велат сите постапки за јавни набавки на стоки и услуги со вредност над 500.000 евра, биле предмет на управна контрола согласно со членот 172 став 3 од Законот за јавни набавки, без оглед на тоа кој договорен орган ги спроведува“, стои во известувањето од Бирото за јавни набавки во однос на набавката на гориво на ЈСП-Скопје.
„Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа всушност е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП“, пишува во соопштението на Бирото за јавни набавки.
Градоначалничката на Скопје, пак, Данела Арсовска како небулозно го оценува образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“ и рече дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво, во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Она што беше дадено како образложение во јавноста, односно како причина за (поништување н.з.) на самата набавка за нас е небулозно затоа што не можете вие да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво каде што цената е регулирана од страна на Регулаторната комисија на Република Македонија. Таа е иста цена за сите, не може да биде поголема или пониска, не може да се наддава на таа цена затоа што цената е веќе одредена од Регулаторната комисија за енергетика“, рече скопската градоначалничка.
Арсовска забележува дека директорката на Бирото за јавни набавки ја донела сега одлуката за поништување на набавката и тоа што имала замерка е што само една комапнија дала понуда.
-Има замерка на тоа дека една компанија дала понуда, што е нормално, сите ги гледаат притисоците, ретко кој се охрабрува во претпријатие што е таков загубар да го снабдува со енергенс, и кога веќе се осмелил сметам дека е не само политички и неумесно, туку и штетно да се прават сега такви работи, вели Арсовска.
Ситуацијата со автобусите е таква поради опструкциите кои, како што вели, постојано и ги прави советот чие мнозинство е од редовите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме додека траеа препукувањата меѓу Владата – ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска, граѓаните одеа пешки по скопските улици.