Дотокот на вода од новиот водоснабдителен систем во Тетово е прекинат, а од јавното комунално претпријатие „Шар“ најавија дека ќе следуваат рестрикции во водоснабдувањето.
Како причина за тоа се наведува заматеноста на водата што се зема од Лешничка река.
„Поради неможноста да се пречисти водата во филтрите на филтрационата станица – Лисец, поради високата заматеност како резултат на последните врнежи, принудени сме да го прекинеме снабдувањето со вода за пиење од линијата Лешница. Екипата на претпријатието од раните утрински часови е на терен и прави сè за да се надмине оваа ситуација“ известија од јавното претпријатие.
Рестрикциите на вода започнале во 13:40 часот, а се уште не се знае до кога ќе траат.
Во Тетово, водоснабдувањето се врши само со планинските извори и градски бунари чиј капацитет не е доволен за оптимално водоснабдување.