По поплавите во Сивота и Платарија, невреме се очекува и на Халкидики

Поплавени домови, наноси од кал и камења на патиштата и евакуација на тројца повозрасни жители се последиците од обилните дождови што ја погодија северозападна Грција. Најголеми проблеми се пријавени во Сивота и Платарија, во општината Игуменица, додека за викендот се очекува невремето да зафати и други делови од земјата.

Противпожарната служба примила 150 повици за помош во регионот Теспротија. Од нив, 145 се однесувале на испумпување вода, а пет на пренесување луѓе на безбедно. Според објавените податоци, екипите извршиле десет интервенции за испумпување и евакуирале тројца повозрасни жители од нивните домови.

Во акцијата биле ангажирани осум екипи со 22 пожарникари, заедно со полицијата и механизација за расчистување на патиштата.

Сообраќајот повремено бил запиран на северниот влез во Игуменица, кај раскрсницата за Неа Селефкија, за да се отстранат наносите. Проблеми имало и на патот кон Филијатес. Според подоцнежниот извештај на „Катимерини“, сообраќајот е воспоставен, но расчистувањето продолжува.

Локалните власти побарале општината Игуменица да биде прогласена за подрачје во вонредна состојба. Во тек е процена на штетите врз домовите, деловните објекти и инфраструктурата.

Грчката цивилна заштита во најновото предупредување од 27 ноември најавува силни дождови и грмотевици до недела. За Јонските Острови, Епир и западниот дел на Централна Грција е издадено црвено предупредување за петок и сабота.

Од сабота вечерта, обилни врнежи се очекуваат и во Пиерија, Халкидики и источна Тесалија, за кои е наведено портокалово предупредување. Тоа се однесува на прогнозирано невреме, додека досега пријавените поплави се во северозападниот дел на земјата.

Во недела силните врнежи првично ќе ги зафатат Тесалија, источна Централна Грција и Евија, а потоа источниот и јужниот дел на Пелопонез. Во источните предели се очекува силен северен и североисточен ветер, со удари до девет, а локално во Егејот до десет бофори.

Надлежните ги повикуваат граѓаните да ги ограничат непотребните патувања во погодените подрачја и да не преминуваат надојдени потоци и поплавени премини, пеш или со возило.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?