Search
Close this search box.
Search
Close this search box.
Фељтон: 85 години од Рациновите „Бели мугри“ (3)

Рацин е канон за нашето постоење како култура, како јазик, како нација!

По повод 85 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, Рацин.мк го објавува првиот фељтон посветен на оваа клучна книга со којашто ѝ се отвори патот на современата македонска книжевност. Авторка на фељтонот е универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, истакнат рацинолог, авторка на книгата „Рацин и експресионизмот“ којашто е една од најреферентните научни објави за Рациновото творештво, а воедно и исклучително посветена книжевна критичарка.

Во фељтонот, за првпат, на ваков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на „Бели мугри“.

Автор на фељтонот: Весна МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА

Тешката тага, тешката

тешката тешко засвири!

Севда е тешка, голема,

уште потешка прокуда!

(„На Струга дуќан да имам“, седмо пеење, (1987 (в): 145)

Така беше во тие денови на крајот од 1939 и почетокот на 1940.

Сега сме на крајот на 2024. Во оваа 2024 година се навршуваат 85 години од Рациновите „Бели мугри“. Но, 2024 е година кога треба да ги славиме и прославиме и 210-те години од првата книга на македонски народен јазик „Слово исказаное заради умирание“ на Јоаким Крчовски отпечатена во Будим 1814 година и 145-те години од „Македонска песнарка“ (1879) на Ѓоргија Пулевски, авторот на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик, и секако 80-те години од „Песни“ (1944) на Ацо Шопов како прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија.

Авторката на фељтонот Весна Мојсова-Чепишевска пред бистата на Рацин во Самобор

Рацин, како што пишува Раде Силјан во предговорот на книгата „Бели мугри на словенски јазици“ (Скопје: Силсонс, 2019), е „најсветлата точка на македонската литература во првата половина на 20 век“. Зашто, едноставно, „Стиховите од Бели мугри се наметнуваат како уметнички идеал, како живот на јазикот и на националниот гениј. Затоа Рацин е човек на нашето доба и на иднината. Затоа името на Кочо Рацин е скратенка за името на сите нас“, поентира Силјан со зборовите на Блаже Конески.

* * *

По повод 40 години од излегувањето на „Бели мугри“, Александар Спасов својата беседа искажана на свечениот собир во МАНУ (на 23 ноември 1979 година) ја насловува со: СЕКОЈ НАРОД ЈА ПЕЕ СВОЈАТА ПЕСНА.

„Зошто во случајов толку долго памтиме?“, ќе нè запраша Спасов тогаш. И навистина зошто толку долго памтиме, еве и после 85 години од излегувањето на Рациновите „Бели мугри“? „Нели постојат закони на самата природа што и нè принудуваат во името на идниот опстанок многу нешто (и многу нашта) да заборавиме, па и да ги отфрлиме, за да можеме да се движиме полесно само напред и напред? Дали е во прашање нагонот на потомците да се идентификуваат со предците, барајќи си ја својата автентичност?“, вели Спасов во својата беседа поместена во книгата „Македонската литературна наука за Рацин“ (1987 (г): 212, означеното е мое).

Насловната корица на изданието на „Белу мугри“ на германски јазик (Kosta-Ratsin-Weisse-Daemmerung-1978)

Очигледно токму во таа потреба за идентификација на потомците т.е. следбениците во претходниците се крие целата страст да се читаат и читаат стиховите од „Бели мугри“, да се пишува и пишува за Рацин.

Димитар Митрев, таткото на македонската современа книжевна критика во својата беседа по повод 25 години од загинувањето на Рацин искажана на свечениот собир во МАНУ на 13 јуни 1968 година ќе каже: „На идните испитувачи веројатно им остануваат малку можности да откријат нешто суштествено ново за неговата трагично прекината повест и за неговиот лик на творец којшто претставува почетно поглавје во развитокот на современата македонска национална култура. Но тоа не значи дека темата Рацин не може да биде предмет на нови преокупации“. Рацин е вечна провокација зашто тој се прима како „симптом и симбол на најсудбоносната фаза во еволуцијата на нашето национално созревање“, поентира Митрев  (1987 (г): 110, означеното е мое).

Во веќе спомената беседа, Александар Спасов се повикува и на зборовите на еден Карел Чапек и вели: „Мајчиниот јазик е јазик на детството, првиот говор на душата, богатството на првите авантури, пронајдоци и откритија; вечно се надоврзуваш на своето детство ако зборуваш на мајчиниот јазик. (…) Јазикот е вистинската поврзаност на народот… Јазикот е единствен автентичен израз на душата на народот.“. Но и на Томас Елиот, па пишува: „На еден народ може да му се одземе неговиот јазик, може да се потисне тој јазик и во училиште да се наметне друг; но додека не го научите тој народ да чувствува на новиот јазик, стариот не сте го искорениле и тој одново ќе се појави во поезијата која е тркало на чувстватаНиедна уметност не е поупорно национална од поезијата.“ За на крај да поентира: „Нашиот заробен мајчин јазик се појави, поточно: просто изби во „Бели мугри“. „Бели мугри“ беа навестување и на слободата на македонскиот јазик.“ (1987 (г): 214, означеното е мое).

* * *

Исчитувајќи страници и страници за Рацин при подготовката за ова предавање се доаѓа до сознанието и за поврзаноста (духовна, пријателска, партиска, уметничка) што тој ја создава со Хрватска особено во неговата реакција на неговиот т. н. поетски татко (претходник) манифестирана преку категоријата креативна корекција (читањето на песната-родител од страна на поетот-следбеник). Таа негова поврзаност ќе остави силни, длабоки траги во хрватската културна оставнина. Долг е списокот и на сите оние кои биле во контакт со Рацин, како и на оние кои го импонирале, го инспирирале, го подучувале, како Мирослав Крлежа, Аугуст Цесарец, Огнен Прица, Антон Колендиќ, Штеф Хрчиќ, Станко Вугринец, Стеван Галогажа, Златко Прица, Јуре Каштелан. Сето ова укажува едно. Дека кругот на неговите пријатели, и тоа првенствено литерати, е навистина голем.

Од друга страна, ако се согледа во целост Рациновиот творечки опус, нè запрепастува фактот дека тој воглавно е објавен токму во Хрватска. Некои од тие трудови, како расказот „Во каменоломот“ кој победува на литературниот конкурс на загребското списание „Литература“ („Literatura“. Загреб/Zagreb: 1932, год. II, бр.1, 36-39), или песната „До еден работник“ како прва авторска песна објавена на македонски јазик во XX век, конкретно во април 1936 година, во загребското списание „Книжевник“ („Književnik“) и особено поетската збирка „Бели мугри“ (Самобор: 1939), како прва објавена авторска збирка на македонски јазик и визионарскиот манифест за раѓањето на новата македонска книжевност под наслов „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ („Radnički tjednik“. Zagreb: god. I, br. 23, 25 listopad 1940, 5-6), се од исклучителна важност за развојот на македонската литература и тоа од повеќе аспекти (литературно-историски, уметнички, јазички и теориски). Во овој контекст треба да се спомене и критиката за Рациновите „Бели мугри“ поместена во литературното списание „Современик“ („Savremenik“. Zagreb: br. 2, 15 siječanj 1940), објавена на 63-тата страница, а напишана од страна на Иво Козарчанин (хрватски литерат, поет, новелист, романописец и критичар). Таа е значајна не само зашто е прва, туку и зашто е најквалитетна и најопширна критика во која Козарчанин се покажува како извонреден аналитичар. Имено тој во неколку реченици (значи многу синтетички, збиено, но крајно прецизно) успева да навлезе во суштината на самата збирка и да ги дефинира нејзините темелни и квалитетни одредници.

Секако за македонската научно-литературна мисла е интересно можното влијание на Крлежините „Балади на Петрица Керемпух“, особено во доменот на Рациновото свртување кон македонскиот јазик. Ова го истакнуваат во своите расправи уште Предраг Матвејевиќ, Радомир Ивановиќ и Горан Калоѓера. Така Ивановиќ смета дека воопшто не е случајно тоа што првата Рацинова песна на македонски јазик „До еден работник“ е објавена истата година (1936) кога и овие Крлежини балади. Тргнувајќи од некои претходни изјави и претходни проучувања, како што е мислењето на Георги Шоптрајанов во кое токму 1924 година се истакнува како година кога се напишани првите стихови на македонски јазик од страна на Рацин, или од оние на Трајко Мишковски (Рацинов сограѓанин и пријател), или од изјавите на Душан Недељковиќ, Киро Гочков, Јован Костовски, Антун Колендиќ, се смета дека најверојатно Крлежините балади можеле да му помогнат (па дури и го охрабриле) нашиот поет да потврди некои од своите поранешни размислувања и концепции за тоа во кој правец треба да се движи неговото идно пишување. Имено, излегувањето од печат на ова Крлежино дело пишувано на кајкавскиот говор (како дијалект на хрватскиот јазик или поточно на српскохрватскиот во она време), за Рацин претставува потврда дека и македонскиот јазик (кој во тоа време сѐ уште не е стандардизиран) може да се користи како јазик на уметничкото комуницирање. Или во овој храбар потег на Рацин може да се препознае и идејата за потребата да се роди еден модерен јазик, јазик кој треба да се исчисти за да се добие чист идентитет, поетски јазик кој ќе помогне во придвижувањето на македонскиот народен кон идниот македонски стандарден јазик. Затоа и влијанието на овие балади треба да се гледа токму во Рациновото свртување кон македонскиот јазик како јазик на кој потоа ќе ја напише и својата збирка „Бели мугри“, пишувајќи ја на велешкиот говор.

Да се потсетиме и на тоа што напиша неговата Невенка Вуиќ таму некаде во ноември 1985. Еве како се сеќава на Рациновата свртеност кон својот мајчин јазик:

„Без оглед што пишуваше на српски, Кочо од самиот почеток се подготвуваше да пишува на својот мајчин јазик. Таа подготовка беше долга и тешка. Имено, тука се работеше во прв ред за самиот македонски јазик. Немаше литература и учебници (ако имаше нешто – беше скудно) врз основа на кои би утврдил некои општи особености, правила и лексиката на јазикот. Она до што можеше да дојде беше и премногу недоволно и претежно застарено, ми се жалеше. А тој беше совесен и особено и посебно чувствителен по прашањето на јазикот. Велеше: „Зборот може да те крене до ѕвездите, но и да те убие.“. Меѓутоа, тој постојано трагаше по литературата, собираше народни умотворби. Беше тврдоглаво неуморен, но сепак понекогаш ќе признаеше резигнирано: „Морам пак сè од почеток“. Тој сакаше еден јазик пречистен од отповеќе фолклор, од архаизми, всушност еден помодерен јазик И тој го создаваше самиот, зашто знаеше и умееше, систематизирајќи ги неговите карактеристики.“ (1987 (б): 34-35)

* * *

Кочо Рацин е канон. Со неговата збирка „Бели мугри“ се удираат темелите на современата македонска поезија. Рацин со помош на креативната корекција која е манифестирана преку напуштањето на поетиката на експресионизмот и ослободувањето од српскохрватскиот (српскиот) јазик се издигнува во канон. Подврда за Рацин како канон во македонската современа литература претставува и влијанието во еден обратен правец т.е. влијанието што тој ќе го изврши врз хрватскиот поет Јуре Каштелан кој во 1948 година ја објавува книгата „Македонски народни песни“ („Makedonske narodne pjesme“. Zagreb: 1948). Таа претставува прв повоен препев на македонската народна поезија на хрватски  јазик и воопшто на некој друг јазик. Скромен по својата природа, тој отворено кажува дека во преводите му помагала македонската поетеса Цвета Органџиева, а изборот го прави според книгата „Збирка на македонски народни песни“ објавена во Скопје под редакција на Блаже Конески. Самиот приредувач е свесен дека македонската уметничка поезија се развива врз богатиот фундус на народната литература, а неговиот интерес за македонската народна литература датира од времето на неговите средби со Рацин во Загреб.

Бели мугри е најпреведуваната стихозбирка на македонски јазик

Канонот на националната традиција обично е определувач на тоа што е најважно за дадената култура и затоа неговата улогата „е да биде совршен арбитер на сеќавањето и на вистината. А канонот е наша победа над загадувачката теорија“, пишува Јасна Котеска во својата книга „Санитарна енигма“

Ако се тргне од сфаќањето дека канонот не ја кажува вистината за една книжевност, туку само нејзината извесност, тогаш и појавата Рацин во македонската литература и култура е потврда за таа нејзина извесност. „Имаме канон и тој е извесен. Како и Декарт, може да кажеме: Имам канон, значи постојам“, нагласува Котеска.

Значи слободно можеме да кажеме: Го имаме Рацин, кој е всушност канон, значи дека постоиме како култура, како јазик, како нација!

***

Авторката на фељтонот ја користеше и следната литература:

Друговац, Миодраг. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, 1990.

Калоѓера, Горан. Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943). Скопје: Македоника литера, 2023.

Конески, Блаже. За Кочо Рацин. Скопје: Култура, 1994.

Конески, Блаже. „Како работел Рацин над Бели мугри“. Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г), 77-94.

Коробар, Перо. Животопис. Скопје: Наша книга, 1987 (а).

Коробар, Перо. К. Рацин во моите сеќавања. Скопје: Македонска ревија, 1998.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Наша книга, 1978.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Детска радост, 1983.

Коробар, Перо (избор, редакција и предговор). Сеќавања на современиците. Скопје: Наша книга, 1987 (б).

Мојсова-Чепишевска, Весна. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора, 2000.

Ристовски, Блаже. Кочо Рацин: историско литературни истражувања. Скопје: Македонска книга, 1983.

Ристовски, Блаже. Животот и делото на Кочо Рацин. Скопје: Матица македонска, 2012.

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1954 (а).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1961 (б).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Култура, 1966 (в).

Тодоровски, Гане (избор, редакција и предговор). Поезија. Скопје: Наша книга, 1987 (в).

Тодоровски, Гане. „Поезијата на младиот Рацин“. Кочо Рацин. Поетски творби. Скопје: 1991, 13-28.

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г).

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Прилози за животот и делото на Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (д).

Тоциновски, Васил (избор, редакција и предговор). Проза и публицистика. Скопје: Наша книга, 1987 (ѓ).

Зачлени се на нашиот е-билтен