Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Другата недела во вторник, пред пратениците ќе се најде Предлог буџетот за 2025 година

За една недела, во вторник (10. декември) пред пратениците ќе се најде Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година. На дневниот ред на 22 собраниската седница има 14 точки. На истата седница, како прва и втора точка се Предлозите за разрешување на членови на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, на Регулаторната комисија за домување и за разрешување на членовите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. На седницата е и Предлог декларацијата за признавање на Палестина, Извештајот на Европската комисија за 2024 година и Предлог законот за изменување и дополнување на законот за заштита на децата.

На истата седница се очекува да биде изгласана и потребата за носење на Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2025 година (по скратена постапка).

Предлог буџетот за 2025 година, на 22 седница е петта точка и ќе се носи по скратена потапка. Амандманската расправа почна на 19 ноември и заврши на 29. Беа предложени над 300 амандмани од кои власта не прифати ниту еден. СДСМ и коалицијата имаа поднесено 204 амандмани.

Врз основа на член 193 од Деловникот на Собранието, по завршувањето на амандманската расправа Предлог-буџетот се враќа до Владата која подготвува дополнет предлог на буџетот. Дополнетиот предлог на буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на буџетот. Кон дополнетиот предлог на буџетот се доставува и образложение. На дополнетиот предлог на буџетот амандмани можат да се поднесат најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието, само на оние делови кои во дополнетиот предлог на буџетот се изменети. Амандмани можат да поднесат секој пратеник, пратеничка група и Владата.

Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Предлогот на буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на месец декември и трае најмногу пет дена.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Собранието го донесува Буџетот најдоцна до рокот утврден со закон.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41 350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 отсто, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Зачлени се на нашиот е-билтен