Јовановски: Ако не се бориме за чист воздух, значи дека сме спремни да ги загрозиме животите на нашите деца

„Не се наоѓаме во воена состојба, но имаме сериозен проблем – секоја година во Македонија умираат 5000 луѓе поради аерозагадувањето“, изјави Горјан Јовановски, советник во Град Скопје и активист од Зелен хуман град, кој го организира денешниот протест за почист воздух. Тој нагласи дека ова е критична ситуација, дополнувајќи дека не се знаат само бројките за смртни случаи, туку и бројот на оние кои се заболени од респираторни и срцеви болести, како и другите здравствени проблеми кои произлегуваат од дишењето на токсичен воздух.

„Како активист, ова го зборувам последните 10 години, но ништо не се менува. Што чекаме? Да изумреме сите?“, праша Јовановски во интервју за „Слободен печат“.

Протестот, кој ќе започне во 16:00 часот пред Министерството за животна средина, а ќе продолжи пред Собранието и Владата, ќе го поддржат бројни еколошки здруженија од Скопје и други градови низ Македонија. Очекувањата за масовност се големи, бидејќи аерозагадувањето го загрозува здравјето на сите граѓани.

„Ако не излеземе масовно, тогаш не заслужуваме да дишеме чист воздух. Ова не е протест за мене, туку за сите нас. Ако не се бориме за чист воздух, значи дека сме спремни да ги загрозиме животите на нашите деца“, додаде Јовановски.

Протестот има за цел да ја поттикне власта да преземе конкретни мерки за решавање на проблемот со аерозагадувањето, особено со индустриското загадување, сообраќајот и загревањето во домаќинствата.

„Ние имаме индустрија која не е доволно контролирана, а домаќинствата и државните институции сè уште користат мазут. Решението лежи во зелените технологии и преминувањето на еколошки извори на енергија“, посочи Јовановски.

Односно, јавниот превоз е клучен за намалување на загадувањето, но моменталната состојба на ЈСП и недостигот на еколошки автобуси го продолжуваат проблемот. Според Јовановски, за да се реши овој проблем, потребна е политичка волја и конструктивност од градските власти.

„Град Скопје може многу да направи. Ние доставивме 19 предлози, но тие не се имплементираат. Ако сакаме да имаме јавен превоз кој ќе биде функционален, тоа е долг процес“, додаде тој.

На крајот, Јовановски ги критикуваше надлежните органи за недостигот на инспектори и корупцијата во системот, кои ја спречуваат контролата на загадувачите и спроведувањето на еколошките стандарди. Тој вели дека се потребни системски решенија и вистинска политичка волја за да се реши проблемот со загадувањето на воздухот на национално ниво.

Зачлени се на нашиот е-билтен