Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Скопските студенти со поддршка на колегите во Србија: Да се потсетиме дека и кај нас владееше режим

„Гласно го осудуваме пригушувањето на студентскиот глас“. Со оваа порака Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) ја упати својата поддршка до студентите во Србија.

Околу педесет државни универзитети во Србија официјално се под блокада, додека студентите им оддаваат почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад во која загинаа 15 лица, а двајца беа повредени при уривање на настрешницата на зградата на Железничката станица.

Во писмото за поддршка, од УСС УКИМ велат дека борбата на српските студенти е инспирација за студентите низ регионот.

„Драги наши колеги, вашата борба е и наша борба. Силата за промена во светот лежи во младите и не дозволуваме никој да ни ја одземе. Во знак на нашата искрена солидарност, ќе ја споделуваме вашата приказна и ќе го подигнуваме вашиот глас насекаде“, стои во писмото за поддршка на студентите од УКИМ.

Додаваат дека секој обид за замолчување или потиснување на студентскиот глас, било преку физичко или друг вид на насилство, водат кон ерозија на општествените столбови, а со тоа и распад на градењето на едно функционално и современо општество.

„Преку примерот на Студентскиот пленум, сведоци бевме и сме на моќта на студентското тело, кое не само што го обликуваше студентското организирање, туку одигра клучна улога во општественото функционирање на Македонија. Од таа причина, цврсто ја изразуваме нашата поддршка кон колегите во Србија“, велат од УСС УКИМ.

„Да се потсетиме дека неодамна кај нас, исто така, владееше режим чија цел беше да го задуши студентскиот дух. Сепак, пркосот поткрепен со многу храброст, критичка мисла и истрајност од тогашните пленумци ни покажа дека поинаков свет е можен. Впрочем, сега тоа е ваша мисија, да ѝ покажете на целата нација дека е возможен нов свет и дека вие имате храброст да чекорите кон тој свет“, се додава во писмото.

Илјадници студенти од факултетите низ Србија протестираа и синоќа, овој пат пред зградата на Радио Телевизија Србија (РТС) во Белград. Незадоволните студенти носеа транспаренти со пораки „Не го лажете дедо ми“, „Нè тепаа, нe се уапсени“.

Тие пред зградата на РТС прочитаа соопштени во кое побараа јавно извинување од Јавниот сервис и од претседателот Александар Вучиќ заради, како што велат, „лагите и навредите“ кои се емитувани во Дневникот на РТС пред една седмица, на 2 декември.

Пред зградата студентите му ги вратија на претседателот Вучиќ торбите со пари што наводно тие ги земале за да протестираат, и од внатрешни и од надворешни извори, како што беше објавено на РТС.

Во меѓувреме, поддршка за студентите во Србија пристигнуваат од студентските организации и студенти од повеќе земји во регионот.

Студентите од Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска, ги повикаа останатите студенти од Хрватска да напишат писма со поддршка кои ќе ги испратат до нивните колеги што моментално ги блокираат факултетите во Србија, јави српски Данас.

Поддршка упатија и студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица, Црна Гора. Студентка од овој факултет за Нова.рс им порача на колегите од Србија да истраат во своите цели „бидејќи слободата е најважното нешто што некој може да го има“.

И дел од студентите на северот од Косово упатија поддршка до колегите во Србија. Студентите на отсекот за драмски уметности на Факултетот за уметност при Универзитетот во Приштина со привремено седиште на Косовска Митровица го осудија насилството врз нивните колеги од Белград и Нови Сад, кога за време на мирен собир беа нападнати од организирана група.

„Сите ние ја претставуваме иднината на културата и уметноста на нашите земји и, според тоа, молкот е недозволив“, се вели во реакцијата на студентите од Факултетот за уметност во Приштина.

Во меѓувреме, седум професори од Приштинскиот универзитет со седиште на Косовска Митровица покренаа онлајн професорска петиција во која им пружат поддршка на студентите во Србија, јави КосевИнфо. Оваа петиција досега ја потпишале над 60 професори и асистенти.

Извор: Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен