Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ројтерс: Демократијата влегува во 2025 година крвава, но непотчинета

Фото: European Parliament from EU, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Демократијата изгледа помодрена, но не и победена додека пополека чекори кон новата, 2025 година.

Во годината во која земјите што претставуваат речиси половина од светското население ги повикаа граѓаните на гласање, демократиите претрпеа насилство и големи стравови, но исто така се покажаа и отпорни.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп преживеа два обиди за атентат и, и покрај стравувањата од оспорен резултат и немири, тој се враќа во Белата куќа со јасна победа и изгледа подготвен за мирна транзиција на власта следниот месец.

Мексико ги забележа најкрвавите избори во својата модерна историја со 37 кандидати убиени пред гласањето, но потоа ја избра својата прва жена претседател, Клаудија Шејнбаум.

На четири континенти, актуелните лидери беа сменети од функциите на избори кои често предизвикуваа насилство, но на крајот постигнаа централна функција на демократијата: уреден трансфер на власта во согласност со желбите на гласачите.

Долгогодишните владејачки партии во Јужна Африка и Индија ја задржаа власта, но го загубија своето целосно мнозинство.

Политичката криза во Јужна Кореја овој месец покажува зошто е важно здравјето на демократијата.

За неколку збунувачки часови, претседателот на четвртата по големина азиска економија и клучен воен сојузник на САД прогласи воена состојба во вечерното ТВ обраќање, а потоа брзо отстапи откако пратениците и големата толпа му се спротивставија.

Парламентот подоцна го отповика претседателот Јун Сук Јеол, но тој ги отфрли повиците да се повлече, во очекување на пресудата на Уставниот суд за неговата иднина. Настаните ги исплашија пазарите и сојузниците на Јужна Кореја кои се загрижени поради нејзината способност да ја одврати нуклеарно вооружената Северна Кореја.

Во Европа, екстремната десница постигна придобивки во Германија, Франција, Австрија, Европскиот парламент и Романија, каде претседателските избори ќе се прегласуваат по обвинувањата за руско мешање.

Тоа поттикна жива, научна дебата за тоа дали Европа повторно преживува поблага верзија од 1930-тите кога фашизмот добиваше на популарност.

Партиите наклонети кон Русија, исто така, постигнаа подобри резултати од предвидените анкети и во Грузија и во Молдавија.

Поместувањето на Европа надесно ги одразуваше економските вознемирености, но истите грижи поттикнаа и некои политички промени во друга насока, како на пример во Британија, каде што левоориентираната Лабуристичка партија стави крај на 14-годишното конзервативно владеење.

Генерално, немаше обиди оваа година да се спречи мирен трансфер на власта, според Јана Гороховскаја, истражувачки директор во американското продемократско лоби Фридом Хаус, кое доставува годишен извештај за глобалната демократија.

Но, Гороховскаја рече дека автократиите станале порепресивни во 2024 година, наведувајќи ги лажните избори во Русија, Иран и Венецуела. Фридом Хаус вели дека гласачите немале вистински избор пред гласачките кутии во четвртина од 62-те избори одржани од 1 јануари до 5 ноември.

„Домократијата не губи толку многу, но автократиите се влошуваат“, рече таа.

Во 2025 година ќе има помалку избори, иако Германија повторно ќе ја тестира привлечноста на екстремната десница во земја толку трауматизирана од нацистичката ера што инсталираше контроли и рамнотежи за да ги спречи десничарските екстремисти повторно да ја преземат власта.

Германските гласачи ќе изберат нов парламент на 23 февруари.

Друг фокус на 2025 година ќе биде како демократските институции, како што се слободниот печат и независното судство, ќе поминат под лидерите кои дојдоа на власт или беа реизбрани оваа година.

Во тој контекст, Фридом Хаус вели дека ќе разгледа што прави Трамп во неговиот втор мандат.

Трамп рече дека мејнстрим медиумите се корумпирани и дека ќе ги истражува или гони политичките ривали, поранешните разузнавачки службеници и обвинителите кои го истражувале.

Следната година веројатно ќе биде значајна и за Бангладеш и Сирија, каде што револуциите со неверојатна брзина ги соборија автократските лидери.

Шефот на привремената влада на Бангладеш, нобеловецот Мухамед Јунус, почна да подготвува изборни реформи откако масовните протести го натераа премиерот Шеик Хасина да поднесе оставка и да побегне во Индија. Тој вели дека изборите може да се одржат до крајот на 2025 година, под услов прво да се спроведат најфундаменталните реформи.

Во Сирија, по 13 години граѓанска војна, вооружените бунтовници молскавично го зазедоа главниот град Дамаск, што го натера претседателот Башар ал Асад да побегне во Русија. Голем дел од земјата сега е управуван од бунтовници предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, означена од некои западни земји како терористичка група.

Новите владетели зборуваат за толеранција и владеење на правото, но досега не се огласија во јавноста за избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен