Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Затворени клиники и програми за СИДА – Кои земји се најтешко погодени од замрзнувањето на финансиите на УСАИД?

Администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп започна со радикални промени во програмите за странска помош, а глобалните здравствени иницијативи се меѓу најпогодените. Од стапувањето на должност на 20 јануари, Трамп привремено го замрзна целото странско финансирање, што доведе до сериозни последици за Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID). Со блокирањето на средствата, стотици вработени во оваа агенција останаа без работа, а здравствените програми што ги финансираше во сиромашните земји се во целосна неизвесност.

Според повеќе извештаи од американските медиуми, постојат индикации дека USAID може да биде целосно укинат и неговите функции да бидат префрлени во Стејт департментот. Дополнително, веб-страницата на USAID беше суспендирана, а Илон Маск – кој сè почесто е вклучен во политички дискусии – отворено ја нарече агенцијата „криминална организација“ и порача дека треба да биде „уништена“.

Наредбата за прекин на финансирањето веќе ги загрози здравствените програми во земјите со низок приход. Според Елиша Дан Џорџу, претседателка на Глобалниот здравствен совет, милиони луѓе се соочуваат со ризик, бидејќи е прекината испораката на витална медицинска помош.

Во 2023 година, САД доделија 71,9 милијарди долари за странска помош во 209 земји, а значителен дел од тие средства поминаа преку USAID. Од оваа сума, 16,1 милијарди долари беа наменети за здравствени програми, вклучувајќи борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза, пандемии, здравје на мајки и деца и обезбедување чиста вода.

Најголем удар од оваа одлука ќе претрпат земјите кои добија најголеми средства од USAID во 2023 година, а тоа се Танзанија, која се бори со епидемија на вирусот Марбург (сличен на ебола)
Нигерија, Јужна Африка -вкупно 17 земји, главно во субсахарска Африка, добиваа над 100 милиони долари годишно за здравствени програми, што сега е ставено во прашање.

Што значи ова за програмите против СИДА и туберкулоза?

Еден од најсериозните удари од замрзнувањето на USAID е врз PEPFAR – американскиот план за итна помош во борбата против СИДА, кој во изминатите 20 години спасил над 26 милиони животи. Само во 2023 година, програмата финансирала антиретровирусна терапија за 20,6 милиони пациенти во 55 земји.

Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела издаде „хуманитарен исклучок“ за одредени медицински услуги, но невладините организации кои управуваат со овие програми предупредуваат дека условите се нејасни, што создава дополнителна неизвесност.

Невладините организации, како Лекари без граници, потврдија дека многу клиники што добиваа поддршка од USAID веќе се затворени без претходно известување. Главниот директор на американскиот огранок на оваа организација, Аврил Беноа, изјави дека ова доведе до „хаос на терен“ и остави милиони луѓе без пристап до здравствена грижа.

„Ги гледаме последиците во реално време – безброј бегалци и раселени лица, деца изложени на маларија и пациенти со ХИВ и туберкулоза остануваат без неопходна терапија“, предупреди Беноа.

Засега, иднината на USAID и здравствените програми што ги финансира е неизвесна. Додека американската администрација најавува реформи, хуманитарните организации предупредуваат дека милиони луѓе би можеле да ги загубат своите животи доколку оваа помош не биде обновена.

Зачлени се на нашиот е-билтен