Во ваква констелација на односите се чини дека “Македонија држава на сите граѓани“ е предлог што може теоретски да овозможи внатрешен политички консензус. Дали тој ќе биде и меѓународно функционален, останува да се провери.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Работната група за уставните измени официјално ќе се состане по празниците кога и ќе биде направена формулацијата, информираше вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Сепак Јетон Шазивари, професорот по уставно право, вклучен во работната група, за Рацин.мк вели дека „излезното решение ќе треба да се бара во поставување на јасна етничка, јазична и културна демаркација помеѓу Македонците и Бугарите во Преамбулата на Уставот“.
Кога станува збор за предлогот да се преземе хрватскиот модел, Јетон Шазивари смета дека „не треба да сме инфериорни преку увезување на туѓи уставни модели, бидејќи имаме богат уставен развој и капацитет да го надоградиме и развиеме нашиот изворен уставен модел на мултиетничко општество“.
Од ова произлегува дека во решението сепак ќе се бара модалитет со кој позицијата на Бугарите ќе биде на некој начин порестриктивна или објаснувачка, со која ќе има дистинкција, што не е случај со останатите етнички заедници. Ако не беше така тогаш тие едноставно механички би се допишале покрај другите делови од народи кои веќе се навдени во Преамбулата.
Но сега се поставуваат повеќе прашања на кои одговорите веројатно нема да ги добиеме веднаш по празниците.
Ако Бугарите требаше едноставно да се допишат во текстот на Преамбулата, како што се стекна мнение во јавниот дискурс, тогаш ниту сите експерти во работната група не можат да смислат подобра формулација од онаа што веќе е содржана во сегашната Преамбула.
Очигледно е дека многубројната хетерогена група која ќе работи на текстот ќе бара начин како од една страна Бугарите да влезат во Уставот, но од друга страна се трага по решение како да се избегнат последиците што можат да произлезат од нивното влегување во Уставот.
За тоа говори и Јетон Шазивари кога говори за етничка, јазична и културна демаркација помеѓу Македонците и Бугарите, на тоа мисли и Христијан Мицкоски кога го споменува примерот со преамбулата во хрватскиот Устав во кои се говори за нација и малцинства и за истото се однесуваат предлозите за „Македонија како граѓанска држава без етнички атрибути“.
Колку и да изгледат различни овие концепти, тие имаат иста цел, да ги внесат Бугарите во Устав, но со што поголема заштита од т.н. бугаризација на општеството преку постојните демократски алатки кои како бенфити им стојат на располагање на сегашните етнички заеднници, како делови од народи.
Како и да е, се насетува обидот за постигнување некаков домашен консензус по прашањето на Бугарите. Тоа е еден аспект од проблемот.
Но, исто така важно прашање може да биде дали дури и да се постигне домашен консензус по текстот на Преамбулата, дали ќе се задоволат очекувањата на Бугарската држава од статусот на Бугарите во Северна Македонија и што ако нема.
Потоа не е неважно дали решенито што ќе биде на маса, ќе кореспондира со обврските од преговарачката рамка и колку ЕУ ќе бара влакно во јајцето за тоа како ние сме го решиле влегувањето на Бугарите во Уставот.
Првите два концепта, како оној за кој говори Шазивари и оној на Мицкоски (читајј хрватски Устав), колку да звучат различно, сепак припаѓаат на досегашната матрица на мултиетничко општество и владеење на колективитети, беа разлика дали се работи за малцинства, мнозинство или делови од народи. На тој начин е неможно да се избегне експлицитно споменувањето на Бугарите и со тоа и сите прерогативи кои подоцна би произлегле во општествено-политичката пракса, а на што укажуваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Само последниот предлог, оној за Македонија како граѓанска држава без етнички атрибути, отстапува од досегашната шема на колективизација на Преамбулата.
Тоа е сепак нов, оригинален предлог јасно презентиран од една политичка партија, која за чудо нема да партиципира во работната група за изготвување на текстот на Преамбулата.
Како и да е во ваква констелација на односите се чини дека “Македонија држава на сите граѓани“ е предлог што може теоретски да овозможи внатрешен политички консензус.
Дали тој ќе биде и меѓународно функционален останува да се провери.
Засега за ваквиот предлог се изјасни партијата на Албанците, Алтернатива која веројатно размислила за последиците пред да ја соопшти.
Но таа не е осамена во ваквиот предлог. Зад него отворено застана и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, сегашен коалициски партнер во власта. Тој во едно тв интервју потсети дека „Македонија е држава на сите граѓани е формулација директно произлезена од Охридскиот рамковен договор“.
Значи оваа идеја е поставена уште во 2001, веднаш по воениот конфликт и била начелно прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ преку нејзините политички претставници, како две најголеми партии кои во својата идеолошка матрица го имаат интересот на своите колективитети.
„Ако технички не се додадат Бугарите, Хрватите, Црногорците и некои други, тогаш најдобро е да дискутираме за Македонија како држава на сите граѓани, и денес вели Љубчо Георгиевски и додава:
„Сметам дека преамбулата што денеска ја имаме создава повеќе проблеми одошто што решава, Ние во преамбулата ги искажуваме нашите национални комплекси“, смета Георгиевски.
Ваквиот граѓански пристап не е неприфатлив и за поединци во ВМРО-ДПМНЕ кои во неформален разговор за Рацин.мк, изнесувајќи личен став, рекоа дека би го прифатиле концептот „Македонија на сите граѓани“, без разлика што во него не се споменува македонскиот народ. Соговорникот смета дека нема потреба од тоа некој во Парламентот или од надвор да ни ја потврдува националната припадност и самобитност, затоа што ние знаеме кои сме и што сме. Според нашиот соговорник идејата за граѓански концепт е прифатлива, но доколку се отстрани балансерот за вработување според етнички клуч, а наместо него вработувањата да се одвиваат според мерит системот. Веројатно би се поставило и прашањето за укинување на Бадентеровиот принцип на гласање.
Но ова решение пак отвора други дилеми. Дали ние бараме решение што ќе ги задоволи домашните политички елити, неопходност за формално да се случи промена на преамбулата и со тоа да се продолжат разговорите со ЕУ, или пак се бара решение што ќе ги задоволи бугарските барања, нешто што очигледно создава непомирливи разлики меѓу партиите.