Во Македонија, социјалните мрежи се преплавени со понуди за евтини козметички процедури, но многу пациенти, наместо подобрен изглед, добиваат сериозни компликации.
Соња ТАНЕСКА
Трите стручни здруженија – Здружението на дерматовенеролози на Македонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (Мапрех) и Здружението за естетска медицина – иницираа измени во Законот за јавно здравје кои ги прифати Министерството за здравство и сега се во фаза на организирање работни групи. Нивната цел е да се воспостави јасна регулатива за тоа кој има право да извршува естетски медицински интервенции, со што би се спречила практиката на немедицински лица и би се заштитило здравјето на граѓаните.
Специјалистката по дерматологија д-р Анџелка Илиева предупредува дека несоодветните третмани можат да предизвикаат инфекции, оштетувања на кожата, па дури и некроза и трајни последици како слепило.
„Бутилиновиот токсин е регистриран лек, а дермалните филери се медицински средства кои мора да ги аплицираат стручни медицински лица во стерилни услови. За жал, бројот на компликации од неквалификувани лица расте. Сведоци сме на случаи каде што пациентите остануваат со нерамномерно вбризгани филери, воспаленија, па дури и трајни оштетувања“, вели д-р Илиева.
Таа нагласува дека несоодветните третмани во нестерилни услови можат да доведат до сериозни последици: „Најчестите компликации се длабоки ткивни инфекции, но има и случаи каде што пациентите развиле некроза – умирање на дел од ткивото. Доколку пациентот навремено побара помош од стручно лице, последиците може да бидат контролирани, но во многу случаи тие доаѓаат предоцна, кога оштетувањата се веќе значителни.“
Загрижувачки случаи во регионот
-Ова не е само македонски проблем. Во Бугарија неодамна беа регистрирани 13 случаи на жени со тешки последици од употреба на несертифициран ботулинов токсин, од кои некои завршија на интензивна нега. „Една од пациентките сè уште е на респираторна поддршка, друга се храни преку назо-гастрачна сонда. Колегите од Бугарија нè информираа дека бројката на оштетени се зголемува и дека има уште 28 нови случаи со сериозни последици“, предупредува д-р Илиева.
Според неа пациентите често се водат по трендовите, без да проверат кој ги изведува третманите. „Жените, но и мажите, следејќи ги светските трендови, одат во салони без да направат соодветна проверка на стручноста на лицето кое ќе им ја изведе процедурата. Ова се сериозни медицински интервенции и не смеат да се третираат како обична козметика“, додава таа.
Во Србија, здравствените власти минатата година затворија неколку нелегални салони во кои се вршеле естетски интервенции без соодветна лиценца. Во Европската Унија, повеќе земји веќе воведоа строги регулативи за оваа област, а оние што ги прекршуваат правилата се соочуваат со високи казни.
Пирсинг и инјектирање ботокс не е исто
Здруженијата бараат законски измени со кои јасно ќе се разграничи што е медицинска, а што е козметичка процедура. Според нив, инјектирање филери, ласерски третмани и липосукција не смеат да бидат во истата категорија со тетоважи и пирсинг.
„Законот мора да дефинира кој има право да ги изведува овие процедури. Потребно е воспоставување регистар на сертифицирани стручњаци, кој ќе биде јавно достапен, за граѓаните да можат да проверат кај кого одат на третман“, вели др. Илиева.
Здруженијата исто така предлагаат заострување на контролите и воведување на минимални стандарди за објектите каде што се изведуваат овие процедури, како и редовни инспекциски надзори.
Граѓаните се повикуваат да бидат претпазливи и да ги проверуваат квалификациите на лекарите преку надлежните институции. Во случај на неправилности, можат да поднесат жалби до Министерството за здравство, Државниот здравствен и пазарен инспекторат или Обвинителството. Лекарите предупредуваат дека ниската цена не смее да биде главен критериум при изборот на естетска процедура.
Во случај на неправилности, пациентите можат да поднесат жалби до Министерството за здравство, Државниот здравствен и пазарен инспекторат или Обвинителството. Лекарите предупредуваат дека ниската цена не смее да биде главен критериум при изборот на естетска процедура.
„Најчесто проблемите се јавуваат кај оние што се одлучуваат за третмани кај лица кои немаат медицинско образование. Доколку цената е значително пониска од вообичаената, тоа е знак дека нешто не е во ред“, објаснува д-р Илиева.
На 22 февруари во Скопје се одржа Шестиот симпозиум за естетска медицина, кој ги обедини експертите од регионот за размена на искуства и подигнување на стандардите во оваа област.
Здруженијата апелираат до институциите и јавноста да ја поддржат иницијативата за законски измени со цел заштита на пациентите и унапредување на стандардите во естетската медицина.