СДСМ обвини дека земјоделството во Македонија е доведено во катастрофална состојба за време на двегодишното владеење на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, поради што партијата поднела интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Од опозициската партија тврдат дека наместо зголемена поддршка за земјоделците, како што ветувала ВМРО-ДПМНЕ додека била во опозиција, субвенциите биле намалени за околу 40 милиони евра.
Според СДСМ, субвенциите за говеда се намалени од 12.000 на 8.000 денари по грло, а поддршката за тутунот од 100 на 80 денари за прва класа. Воедно, како што наведуваат, укинати биле и повеќе мерки наменети за поддршка на малите земјоделци, лозарите и оризопроизводителите.
„Земјоделците не се соочуваат само со намалени, туку и со неисплатени субвенции. Илјадници сточари, житопроизводители, градинари и други производители сè уште ги чекаат средствата кои им следуваат, додека производните трошоци секојдневно растат“, соопшти СДСМ.
Од партијата посочуваат дека откупот од малите земјоделци е намален за 46,2 проценти, што, според нив, претставува директен показател за падот на земјоделското производство и пласманот.
Во соопштението се наведува дека сточарите протестираат поради доцнењето на субвенциите и намалените откупни цени на млекото, додека житопроизводителите влегуваат во жетвената сезона без позната откупна цена и без исплатени субвенции.
СДСМ обвинува дека лозарите се оставени во неизвесност поради непочитување на законските обврски за утврдување на производната цена на грозјето, а оризопроизводителите останале без значајни мерки за поддршка во услови на намалени откупни цени.
Дополнително, според партијата, Владата ги поништила повиците за набавка на трактори, земјоделска механизација и друга опрема преку Програмата за рурален развој, со што биле стопирани мерки што со години им помагале на земјоделците да инвестираат во модернизација на производството.
Во соопштението се споменуваат и, како што наведуваат од СДСМ, корупциски скандали во секторот, меѓу кои и случајот поврзан со ИПАРД програмата.
„Време е Трипуновски да понесе одговорност за катастрофалната состојба во земјоделието“, порачуваат од СДСМ, образложувајќи ја поднесената интерпелација за министерот за земјоделство.
