Протест во Скопје против фемицидите и институционалната неодговорност започна денеска, 8 ноември, во паркот „Жена Борец“. Граѓаните се собраа по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, барајќи правда, целосна истрага и утврдување одговорност за постапувањето на институциите пред нејзината смрт.
„Жена, живот, слобода!“ и „Ниту една повеќе!“ се пораките од собирот, кој го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Учесниците бараат навремена и ефикасна заштита за жените и девојките што пријавуваат насилство.


Случајот со Билјана го отвори прашањето како се спроведувале мерките за нејзина заштита. Според организаторите, таа претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и заштитни мерки. Иницијативата бара да се утврди кој постапувал, какви одлуки донесувал и дали имало пропусти што ја оставиле девојката изложена на опасност.
Меѓу барањата е итното усвојување на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Организаторите бараат и враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои, според нив, бил отстранет.
Повикот опфаќа и разрешување носители на јавни и раководни функции кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените. Од иницијативата нагласуваат дека убиствата на жени не смеат да се сведуваат на изолирани трагедии или да се оправдуваат со партнерските односи.
Организаторите го определуваат протестот како граѓански и бараат политичките партии да ги искористат институционалните механизми за исполнување на барањата. Во повикот посочуваат дека собирот не е простор за партиска промоција, знамиња и настапи на политички претставници.


