Земјотрес во Јапонија со магнитуда 5,7 повреди повеќе од 20 луѓе, оштети излози и го наруши железничкиот сообраќај во централниот дел на земјата. Потресот се случил во неделата, 8 ноември, во 1:04 часот по локално време, со жариште во западниот дел на префектурата Шизуока. Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека нема опасност од цунами.
Според ажурираната процена на јапонската агенција, жариштето било на длабочина од 41 километар. Најсилно тресење е регистрирано во градот Чита, во соседната префектура Аичи, каде што е измерен интензитет „горна петка“ на јапонската скала. Таа го опишува тресењето на одредена локација и се разликува од магнитудата на земјотресот.
Повредени се пријавени во Аичи и Шизуока. Асошиејтед прес во својот извештај наведува најмалку 22 повредени, меѓу кои и луѓе што паднале по скали додека се обидувале да излезат од зградите. Според информациите што ги пренесува АФП, најголем дел од пријавените повреди се полесни, а засега нема извештаи за загинати.
Јапонските телевизии прикажаа скршени излози и стакло расфрлано по улиците. Во една книжарница книгите испаднале од полиците и останале натрупани на подот. Потресот бил почувствуван и во поширокото подрачје, вклучително и во Кјото, Нара и префектурите Гифу и Јаманаши.
Железничките оператори привремено запреле дел од локалните линии за безбедносни проверки. На линијата Токаидо Шинкансен, која ги поврзува Токио и Осака, биле забележани доцнења меѓу станиците Шизуока и Гифу-Хашима. Брзите возови во погодените подрачја се движеле со намалена брзина како мерка на претпазливост.
Операторот „Чубу електрик пауер“ соопштил дека не се откриени неправилности во нуклеарната централа Хамаока во Шизуока. Централната влада воспоставила и координативна канцеларија за одговор на последиците од земјотресот, пренесува Кјодо.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека во погодените подрачја се можни нови силни потреси во текот на следната недела, особено во првите два до три дена. Службите укажуваат и на зголемен ризик од одрони и лизгање на земјиштето, особено доколку има врнежи.
🚨🇯🇵 JAPÓN | Dos sismos en pocas horas. El más fuerte, de magnitud 5.7, dejó al menos 22 personas heridas.
— SkyAlert (@SkyAlertMx) November 8, 2026
El movimiento ocurrió a la 1:04 a. m. del 8 de noviembre, hora local, con epicentro en Shizuoka.
⚠️ ¿Qué se sabe hasta ahora?
🏥 Al menos 22 personas lesionadas.
🏢… pic.twitter.com/YTJzeI7Smw

