Никола Голубовиќ, патник од превртениот автобус кај Загреб, тврди дека возачот заспал само неколку минути откако го заменил својот колега зад воланот. Во несреќата што се случи утринава, 8 ноември, на автопатот А3 кај Иваниќ Град, загинаа две лица, а 33 се повредени.
„Двајцата возачи се заменија на одмориште и возачот заспа неколку минути потоа“, изјави Голубовиќ за ХРТ. Тој кажа дека автобусот патувал од Србија кон Загреб.
Неговото тврдење засега не е службено потврдено. Полицијата ги утврдува околностите и причината поради која автобусот излетал од коловозот и се превртел.
Друг патник, Марин Јевиќ, раскажа дека околу 7:30 часот почувствувале како автобусот преминува кон работ на патот, по што удрил во заштитната ограда. Според неговото сведоштво, возилото се лизгало и се превртувало по тревната површина неколку десетици метри.
Јевиќ седел во задниот дел од автобусот. По запирањето слушнал лелеци и извици, а во негова близина двајца патници биле приклештени со седиште.
Несреќата се случила околу 7:25 часот, на 61. километар од автопатот А3 во насока кон Загреб, непосредно по клучката Иваниќ Град. Автобусот на српскиот превозник „Ниш експрес“ ја пробил заштитната ограда и завршил превртен покрај патот. Во него имало 33 патници и двајца возачи.
Според хрватското Министерство за здравство, шест лица се тешко, а 27 полесно повредени. Министерката Ирена Хрстиќ потврди дека меѓу повредените се и двајцата возачи.
На терен биле испратени девет екипи на итната медицинска помош, вклучувајќи хеликоптер. Повредените се згрижени во пет загрепски здравствени установи, а според Хрстиќ, тешко повредените биле пренесени во болница во рок од еден час. Во згрижувањето е вклучена и служба за психолошка помош, додека семејства на дел од повредените тргнале од Србија кон Загреб.

